Македонија и Полска имаат одлични односи – официјална посета на претседателот на Полска

Македонија и Полска имаат исклучително добри билатерални односи без никакви отворени прашања, со можност за унапредување на економската соработка. Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија на патот на нејзините евроатлански поддршки, бидејќи стабилност на регионот без интеграција на Македонија не е можна, оценија претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски по денешната средба во Скопје.

„Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Република Македонија на определбата за давање датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. затоа што мислиме дека процесот за стабилизација на овој регион без Македонија е невозможен“, изјави претседателот Коморовски.

Поддршката што ја дава Полска за евроатланските интеграции на Македонија, додаде тој, произлегува не само од добрите пријателски односи меѓу двете земји, туку и од определбата на Полска од 1989 година за политика на отворени врати во евроатланските структури.

„Има случаи кога слично како Македонија кандидати кои биле блокирани, сепак, за нив се донела одлука паралелно да се движат решавањето на отворени прашања и евроинтеграции, очекуваме тоа да се примени и кај нас“, рече претседателот Иванов, искажувајќи притоа благодарност до Полска за постојаната поддршка што на тој план и ја дава на Македонија, како и признавањето на уставното име.

Очекуваме, додаде македонскиот претседател, од следниот Самит на ЕК и од Советот на ЕУ конечно Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

„Разговаравме за моќта која ја има европската идеја и промените кои ги предизвикуваат евроинтеграциите и дека тоа е нешто што е неопходно и за нашиот регион. Во тој поглед ја очекуваме и искрената поддршка од Полска бидејќи сегашната ситуација на статус кво состојба со евроинтеграциите на Македонија не е во ничиј интерес“, рече македонскиот претседател.

Тој и неговиот полски колега разговарале и за можноста, одличните и пријателски односи меѓу двете земји да се унапредуваат во повеќе области, како науката, образованието, културата, … но пред се и економските односи.

„Секое пријателство бара добри основи, кои се потпираат не само на историското наследство туку и на добрата економска соработка“, рече претседателот Коморовски.

За таа цел, додаде, е и денешниот македонско – полски бизнис форум кој ќе го отворат двајцата претседатели.

Тој форум, се согласија двајцата претседатели, е добра можност за блиски средби на стопанствениците и согледување на можностите за унапредување на економската соработка.

Претходно, претседателот Иванов, на свеченост во вилата Водно, на својот полски колега му врачи Орден „8 Септември” за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.

Орденот „8 Септември” се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.

Полскиот претседател, Коморовски претпладнево беше пречекан со највисоки државни и воени почести во вилата Водно, по што имаше тет-а-тет средба со македонскиот претседател Иванов, а потоа пленарен состанок на официјалните делегации.

Во присуство на двајцата претседатели беше потпишана Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за наука и високо образование на Полска за соработка во областа на науката и високото образование.

Претседателите на Република Македонија и на Република Полска утре ќе престојуваат во Охрид, каде што ќе посетат повеќе културно-историски знаменитости.