Секоја среда во периодот од септември до ноември годинава стручни тимови од центрите за социјална работа ќе посетуваат населени места во руралните средини за да детектираат, превенираат и спречат настанување социјални ризици и на граѓаните да им помогнат полесно да ги остварат своите права во областа на социјалната заштита.
„Проектот „Отворени денови за социјална заштита“ нуди унапредување на пристапот кон правата и услугите од социјалната заштита за жителите од руралните населени места и значително ќе го приближи системот на социјална заштита до оние на коишто им е најпотребна. На средбите со граѓаните во местото на живеење стручни тимови од центрите за социјална работа ќе ги појаснуваат условите, начинот и постапката за остварување на права од социјална заштита, но и ќе им помогнат на граѓаните да ја добијат“, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов презентирајќи го проектот.
Министерството за труд и социјална политика има изготвено програма согласно која секоја среда тимовите од центрите за социјална работа ќе излегуваат на терен и ќе посетуваат голем број населени места. Триесетте центри за социјална заштита имаат обврска на граѓаните да им дадат стручна помош во решавањето на социјалните проблеми со кои се соочуваат.
„Наша тенденција е да бидат опфатени што повеќе рурални средини односно според планот што го имаме тимовите да посетат над 600 населени места, како и да се информираат што поголем број жители, да се препознаат социјалните проблеми со кои се соочуваат, како и начините за нивно решавање“, рече министерот за труд и социјална политика.
Овој проект, додаде Спасов, ќе овозможи превземање мерки и активности на социјална превенција во насока на спречување на социјални ризици, рано откривање и ран третман на граѓанинот изложен на социјален ризик, а со цел, како што рече, надминување и ублажување на штетните последици од изложеноста на социјален ризик, како и воспоставување координирана соработка меѓу општините и центрите за социјална работа во поглед на поголема достапност на системот на социјална заштита.
„Ќе се води и унифицирана евиденција при што ќе се евидентираат и потребите на граѓаните кои се во тешка положба преку која ќе се следат сите случаи на централно ниво и ќе се контролира решавањето на проблемите и предметите на центрите на социјална работа“, истакна Спасов.
Проектот треба да овозможи поблизок пристап во работата на центрите за социјална работа така што овие услуги ќе ги обезбеди во местото на живеење на граѓаните односно доколку некои граѓани поради недостиг на финансиски средства или други причини неможат да дојдат во центрите за социјална работа стручните тимови ќе дојдат кај нив и ќе го дадат својот максимум да им помогнат во рамките на законските надлежности.
„Наша заложба е институциите да бидат поблиску до граѓаните и секому кому му е потребна грижа и заштита од државата да ја почуствува. Со овој проект се вклучуваме во градењето поблиски односи меѓу граѓанинот, нашето министерство и центрите за социјална работа“, додаде Спасов.
Според податоците на МТСП во Македонија околу 35 илјади семејства се корисници на социјална парична помош.