Американската вселенска агенција пронајде 3 мали астероиди кои со својата големина и маса ги исполнуваат критериумите за идните мисии за фаќање на еден од нив.
„Претходно имаме откриено 14 астероиди кои влегуваат во категоријата на објекти со големина од 7 до 10 метри, што одговара на мрежата и леталото кое ќе го фати“, истакна Пол Шодас, еден од главните научници одговорен за проектот на НАСА за објекти кои крстарат во близина на Земјината орбита.
Тој истакна дека 3 од тие 14 астероиди се издвоени како „потенцијални кандидати за фаќање“.
Со програмата е предвидено во 2019 година, еден брод-робот да фати мал астероид и потоа со помош на вселенската капсула Орион, да го „паркира“ во близина на Месечината, каде тим на астронаути во текот на 2021 година би можел да се движи по него, да земе примероци за да го проучува.
Целта на мисијата е да се истражуваат можностите за експлоатација на ресурсите на астероидите, менување на нивните движења во случај доколку претставуваат опасност за Земјата, како и развој на технологија со која ќе се олесни начинот на испраќање на астронаути на Марс.