Отворени денови на социјална заштита во руралните средини во општина Охрид

Министерството за труд и социјална политика, заедно со Центарот за социјални работи  и општина Охрид, започнаа со имплементација на проектот „Отворени денови на социјална заштита во руралните средини“, кој ќе се реализира од септември до ноември 2013 година.

Проектот започна со одржување на средби со месното население во с. Љубаништа и с.Трпејца. На средбите  се разговараше со стручни лица од Центарот за социјални работи  и  се воспостави дијалог со локалното население кое ги истакна своите лични проблеми од областа на  социјалната заштита. Во разговорите,  како активни носители се вклучија и вработени од Одделението за социјална и здравствена заштита при општина Охрид .

Целта на овој проект е да се информираат жителите од руралните средини за правата и услугите од социјалната заштита, како и подлабоко навлегување на социјалната работа и социјалните услуги во локалната заедница.

Оваа активност ќе ги опфати руралните средини каде ќе се организираат средби еднаш неделно, преку остварување на директни средби со локалното население кое има потреба од социјална заштита.