Музејски копии на археолошки предмети пронајдени на археолошките локалитети ширум земјава, охридскиот бисер , копии од фрески, предмети карактеристични за Охрид, од вчера конечно ќе бидат изложени и во Охрид, најголемиот туристички центар во државава. Со тоа странските туристи многу полесно ќе се запознаваат со нашите вредности.
Во двете сувенирници поставени пред градското пристаниште и кај плоштадот „Чинар“ кои вчера беа свечено пуштени во употреба ќе се продаваат и модерни сувенири, приврзоци, сложувалки, монографии, мапи, карти, и други предмети кои туристите ќе можат да ги понесат со себе.
„Овие сувенирници ќе имаат огромна важност за сите посетители, за сите туристи кои доаѓаат овде во Охрид да си купат по некој сувенир кој ќе остане како спомен, сувенир автентичен кој го отсликува нашето богато културно наследство и сето она што го поседуваме како држава“, рече министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа – Милевска која изрази надеж дека сувенирниците ќе имаат културен бенефит се со цел да се отслика културниот и историскиот идентитет на државата.
Министерката најави дека покрај овие две локации треба да се изгради уште еден објект во центарот на градот.
Според градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, поставувањето на градските сувенирници се саму уште едно предизборно ветување кое Локалната го реализирала на време.
„Веднаш беа избрани најдобрите места во градот кои се и најфрекфентни. Со добивањето на градски сувенирници се внесува нов дух во промоција на градот и на историските, културните, духовните вредности и се надеваме дека со ваквата заложба на Владата на Р Македонија заедно со Локалната ќе им овозможиме на туристите да најдат место каде можат да купат автентични сувенири“, рече Бакрачески.
Директорката на охридскиот Завод и музеј, институција која ќе стопанисува со објектите, Тања Паскали Бунташеска рече дека потребата за вакви сувенирници во Охрид е повеќе од неопходна.
Задоволни од ваквиот облик на преставување на културата се и самите занаетчии кои велат дека на овој начин ќе се прикажат вистинските вредности на резбите, иконите, охридскиот бисер и сите вредни предмети на македонската култура.
Со овој проект Министерството за култура на повеќе гранични премини и во повеќе градови ќе постави 20 монтажни објекти за продажба на сувенири. Вакви објекти се веќе поставени во Скопје, Крушево, Берово, Дојран, како и на преминот Богородица.
Унифицирани монтажни туристички објекти налик на оние во светските метрополи постојано ќе бидат снабдувани со сувенири, копии од артефакти.