Египќаните во Македонија со Меморандум до остварување на своите права

   НВО Коалицијата на Египќаните, како и Овластениот претставник на Египќаните за надворешна соработка, Демир Далип, подготвија и предложија, Меморандум за соработка и развивање помеѓу етничката заедница на Египќаните во Р. Македонија и надлежните институции, а во насока на нивните легитимни барања, кои се започнати од осамостојувањето на Р. Македонија, а кои траат и до денес. Во прилог, е интегралниот текст на Меморандумот, испратен до нашиот медиум.

МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА И РАЗБИРАЊЕ

ПОМЕЃУ ЕТНИЧКАТА ЗАЕДНИЦА ЕГИПЌАНИ ВО Р.МАКЕДОНИЈА И НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ

   Поаѓајќи од стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската унија, поставена од моментот на нејзиното осамостојување во 1991 година, како и заложбата  на Република Македонија да ги споделува вредностите на Европската Унија за слобода, демократија, еднаквост, достоинство, почитување на човековите права и слободи, почитување на малцинските права, владеењето на правото, како и врз основа на почитување на одредбите, духот и содржината на Охридскиот Рамковен Договор и либерално демократската основа на Уставот на Република Македонија, Египќаните, како припадници  на еден посебен, автохтон, автентичен етникум, и рамноправни и еднакви граѓани на една унитарна, мултиетничка и мултиконфесионална, демократска, самостојна, слободна, суверена и независна држава Република Македонија, почитувајќи ги основните демократски начела, како и  правните расположливи механизми  за  правична и соодветна институционална интеграција  на припадниците на етничката заедница на Египќаните, во Република Македонија.

   Свесни дека дијалогот и соработката меѓу НВО Организациите на Египќаните, нивните овластени претставници, кои ги застапуваат барањата, предлозите, и интересите на ова етничка заедница од една страна  и надлежните институции на системот од друга страна, е неопходен потребен за  конструктивната размена на ставови и мислења , а се со цел да се стигне до општи прифатливи решенија и создавање на неопходни услови за нивно реализирање.

   Потенцирајќи дека на патот на Република Македонија, како мултиетничка, мултиконфесионална држава, кон членството во Европската унија, ќе биде значително олеснат со почитување на правата на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, нивно негување, како и  негување  на основните и универзални начела на владеење на правото, солидарност, хуманост и взаемно почитување, Надлежните институции и државни органи на Република Македонија од една страна и Овластен преставник на Египќаните во Република Македонија како и овластени лица на НВО на Египќаните во Р.Македонија, потписнички на овој Меморандум, се обврзуваат дека :

 1. Континуирано и без одлагање, во рамките на институциите, ќе ги спроведуваат сите активности и реформи потребни за пропорционално институционално интегрирање на Египќаните во институциите на системот, како и остварување на нивните права и слободи, како и активно учество во процесот на интеграција на Египќаните во Р.Македонија, на Претседателот, Владата на Р.Македонија, Премиерот, Претседателот на Собрание на Р.Македонија, Градоначалниците на Општините Охрид, Струга, Ресен, Кичево, Битола, како и на други Општини каде живеат Египќаните, како и Советите на горенаведените Општини.

 2. Единиците на Локалната Самоуправа, Советот на единиците на локалната самоуправа, Градоначалникот, и другите органи и тела на единиците на Локалната Самоуправа, потписнички на овој Меморандум, се обврзуваат, согласно нивните законски надлежности, да помогнат околу легитимните барања на Египќаните во Општините каде што живеат.

 3. Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на интегрирачкиот процес, на членовите на етничката заедница на Егиќаните, во институциите на системот, додека припадниците на етничката заедница на Египќаните во Република Македонија, повикувајќи се на нивната мирољубива, трудољубива, работољубива и лојална карактеристика на овој етникум, како рамноправни и еднакви граѓани на Република Македонија, ќе дадат максимум во насока на Евроинтегрирачкиот процес  на Република Македонија.

   Овој меморандум е отворен за потпишување за сите регистрирани политички партии во Република Македонија, Надлежните инстутуции, НВО Организации и сите кои имаат желба  да помогнат во насока на пропорционална институционална интеграција на Египќаните.

   Секоја  повикана страна може да пристапи кон истиот и по датумот на  официјалното објавување на  овој Меморандум.

Со  почит,

Подносител и подготвувач на Меморандумот

НВО Коалицијата на Египќаните и Демир Далип, овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка.