Во текот на изминатава летна туристичка сезона, на целото подрачје на СВР Охрид имавме стабилна и поволна безбедносна состојба. Во Јули и Август, во Охрид регистрирани се 128 казнени дела што преставува намалување за 15 % во однос на 150-те казнени дела регистрирани во истиот период лани.
Летово, СВР Охрид регистрира 10 тешки кражби во куќи и станови, 16 кражби на плажи, 2 кражби во патнички моторни возила, 9 кражби од автобуси и 12 казнени дела извршени на улица. Сите сторители се пронајдени и против нив поднесени се кривични пријави. Најчесто се одземаа мобилни телефони, паричници, лап-топ компјутери и паричници од плажите а нафта од автобусите. Од домовите и становите се одземаа пари, накит и бела техника.
Во делот на јавниот ред и мир, немаше нарушувања од поголем обем како и казнени дела со елементи на насилство. Во Јули и Август годинава, регистрирани се 76 прекршоци што преставува намалување во однос на 135 прекршоци извршени во истиот период лани. За 47 проценти намален е бројот на сторителите на овие прекршоци.
Летово случени се 108 сообраќајни незгоди што преставува зголемување од 23 проценти во однос на ланските 88 сообраќајни незгоди. Притоа, 47 лица се здобиле со лесни а 14 со тешки телесни повреди. Тоа е намалување за 14 односно 12 проценти во однос на истиот период минатото лето. Ова лето во случените сообраќајни незгоди, 4 лица го загубиле животот. Во сообраќајните несреќи настрадале 17 возачи, 28 сопатници, 9 пешаци, 4 моторциклисти и 4 велосипедисти.
Според анализите, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и преголемата брзина се основните причини за сообраќајните несреќи. Следуваат непрописно престигнување, неотстапување на првенство, недржење страна, правец и растојание, управување под дејство на алкохол и неправилно движење на пешак.