Со цел унапредување на условите за работа на деловните субјекти кои се занимаваат со трговија, како и создавање на предвидлива бизнис клима, Владата го усвои предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, со кој се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки.
Имено, прво основно решение кое го нуди овој закон е пропишување на одредба со која ќе се обезбеди олеснување за бизнис секторот преку воведување на нова услуга на Министерството за економија – потсетник за истекување на лиценца. Досегашните искуства покажуваат дека голем дел од деловните субјекти ненавремено ги обновуваа своите лиценци, по истекот на рокот на важноста на претходно издадената лиценца, со што сносеа ризик за санкционирање при инспекциски надзор. Затоа е предвидено Министерството зе економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца да го потсетува носителот на лиценцата преку електронска порака на е-маил адресата и со СМС-порака, за периодот на важноста на истата. Потсетувањето ќе се врши доколку носителите на лиценца дале претходна согласност дека тоа ќе биде на нивни трошок. На тој начин овозможуваме олеснување на деловните субјекти со цел намалување на случаите на казнувања кај ненамерно пропуштање на роковите за обновување на лиценците, односно доследно почитување на пропишаната законска регулатива.
Второто решение во овој предлог закон има за цел заштита на здравјето и животот на малолетните лица под 18 години, односно доследно почитување на ограничувањата за продажба или купување на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари. Затоа се пропишува обврска трговецот на мало при продажбата на алкохолни и енергетски пијалоци и цигари да ја утврди возраста на купувачот. Притоа, ова не е оставено на желбите и можностите на трговците, туку начинот на постапување на трговците на мало при утврдување на возраста на лицата под 18 години, при продажбата на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари ќе се олесни со детално пропишано Упатство, кое ќе го изготви Министерството за економија.
Целта на третото решение на овој закон е да се заштити јавниот интерес и правото на мир и спокојство во колективните станбени згради и деловно-станбените згради. Истовремено, со ова решение ќе се придонесе за спречување на манипулацијата во постапката на надзор и ќе се овозможи вршење на ефективен надзор на пазарот. Во таа насока одделни прекршоци ќе се изземат од постапката за едукација, односно ќе се премине на нивно директно санкционирање. Ова се однесува на: непријавување на исполнувањето на условите и започнувањето со работа на продажниот и деловниот објект, започнување со работа во колективна стамбена зграда и деловно стамбена зграда пред 6,00 часот, односно работење по 24,00 часот и чување на евиденцијата надвор од соодветната деловна просторија во која се врши трговијата, со што не е во секое време достапна на надлежните инспекциски органи.
Притоа, со оваа законска измена се обезбедува примена на едукација за прекршоците кои се направени за првпат. А за да се спречи злоупотребата, прекршоците кои се повторуваат нема да подлежат на едукација и за истите ќе се применува директно санкционирање.