Туристичката понуда на Охрид претставена на манифестацијата „Жупска берба 2013“

 Во рамките на реализацијата на програмата на Секторот за туризам и локален економски развој за активна туристичка, културна и економска соработка со партнерски градови, Општина Охрид како Град партнер зеде активно учество во рамките на јубилејната 50-та по ред Манифестација „Жупска берба 2013“ која викендов се одржа во Александровац, Република Србија.

 Пред голем број гости, посетители, новинари од највлијателните српски медиуми, дипломати, претставници на политичкиот и стопански естаблишмент на Република Србија и регионот на централна Србија, Охрид како град партнер со домаќинот, градот Александровац, беше промовиран на највисоко ниво на централната манифестација преку емитување на промотивни видео материјали на централниот видео бим, преку дистрибуција на печатен промотивен материјал како и на големиот број на работни средби, изложби и настани.

 На средбите кои ги реализираа претставниците на Општина Охрид пред се со Градоначалникот на Општина Александровац, Југослав Стајковац и директорката на Туристичката организација Тања Мајдевац, беше разговарано за натамошно интензивирање на меѓусебната соработка, промоција на туризмот и услугите, унапредување на деловната соработка помеѓу Охрид-град партнер и градот Александровац и размена на искуства преку конкретни проекти и работни средби за едукација и развој на туристички пакети за специфичен пазар.

 Со ваквиот пристап и усвојување на заеднички партнерски и развојни стратегии помеѓу општината Александровац и туристичката организација на Александровац и општина Охрид, се овозможува најдиректен пристап до потенцијалните гости во централниот регион на Република Србија, а Александровац стана најголем промотор на Охридската туристичка понуда.

Priem-4853 priem4852 Kabinet-priem-4851