Фестивалот „Охридско Лето“ е најуспешен туристички настан за 2013 година според Министерството за економија. На денешната свеченот по повод светскиот ден на туризмот- 27 септември, признанитето за најкултурен настан и беше врачено на директорката на најреномираната културна манифестација, Елизабета Јанкуловска. Според неа заслугата е на целиот тим кој посветено работи во насока на продолжување на успешната традиција од 53 години на врвот на светската уметничка сцена.
„Навистина сме благодарни но и почестени што го добивме ова признание кое ги потврдува нашите заложби, културата да биде еден од главните чинители во развојот на туризмот. „Охридско Лето“ е наш најголем културен бренд, еден од главните чинители на музичката култура на земјава, промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската музичка уметност во светот. Но исто така Охридско лето е и најголем туристички настан кој покрај бројните уметници, над 1000 кои секоја година настапуваат на фестивалската сцена, привлекува и бројни гости, туристи кои доаѓаат токму да ги слушнат големите светски ѕвезди и да ги видат најдобрите театарски претстави“, изјави Јанкуловска.
Како најдобро реализираните настани за 2013 година беа прогласени и Струмички карневал и манифестацијата Сите заедно за сите поубаво.
На свеченоста беа доделени и плакети на најуспешните „инкаминг“ туристички агенции, кои донеле најмногу странски туристи во Македонија, како и на најуспешните хотели.
Признанија за најуспешни „инкаминг“ агенции добија Македонија Травел – Скопје, Атлас Корпореишен– Скопје и ТА. Ита Компани – Скопје, а за најдобри хотели се прогласени Аурора – Берово, Супер 8 – Скопје и Гранит – Охрид.
Од Министерството за економија информираат дека приливот на туристи и ноќевања постојано се зголемува, посебно во делот на привлекувањето на странските туристи, па за првите 7 месеци од годинава остварено е зголемување на бројот на туристите за 2,8%, а само кај странските туристи има зголемување од 11,4%. Девизниот прилив од туризмот е зголемен за 12,5%.
Пораст бележела и стапката на вработување во оваа област.
„Ако во 2011 учеството на лицата вработени во секторот туризам и угостителство во однос на вкупниот број на вработени изнесувал 2,82%, во 2012 година тој бележи пораст од 11,3%, а стапката на пораст во вториот квартал од 2013 година изнесува 35,3%, односно станува збор за 24.857 лица вработени во објектите за сместување и сервисни дејности за храна“, информираат од министерството за економија.