Светски Ден на срцето – Тргни кон здраво срце

По повод 29 септември, светскиот Ден на срцето, општина Охрид во соработка со Центарот за рехабилитација и превенција на кардиоваскуларни заболувања од Охрид и Институтот за јавно здравје со поддршка на Министерството за здравство организираат низа активности со кои ќе се вклучат во остварувањето на идејата со заеднички напори да им се помогне на луѓето да имаат здраво срце и да живеат подолго.

„Општина Охрид со задоволство оваа година е дел од настанот за одбележување на Светскиот ден на срцето, притоа вршејќи една од своите многу значајни надлежности, дефинирани во Статутот на општината а тоа е учество во здравствената заштита на населението преку превентивни активности, преку здравствено воспитување и подобрување на јавното здравје. Оваа година за прв пат имаме поорганизран начин на одбележување на Денот, кој што е координиран од Институтот за јавно здравје. Општина Охрид треба да биде дел од една поширока општествена активност на планот на намалување на инциденцата на кардиоваскуларни заболувања во која покрај институциите, покрај Локалната самоуправа треба да бидат масовно вклучени образовните институции, невладиниот сектор, граѓанските асоцијации а со цел подигање на свеста за застапеноста на овие заболувања, за нивното огромно учество во смртноста на населението и за можностите кои ни стојат на располагање кои се достапни и беспалтни а се однесуваат на нашите животни навики и кои во крајна линија носат до многу значајно намалување на инциденцата и смртноста од овие заболувања. Ваквата цел треба да си ја постави секое општество и семејството како најмала единка во кое ќе се негуваат здравите навики за живот кои одат во насока на намалување на ризик факторите и истите ќе им се пренесуваат на најмладите“, – рече Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид.

Игор Спироски од Институтот за јавно здравје, кој се јавува како главен носител на поголемиот дел од активностите,ги образложи деталите на манифестацијата која се одржува под мотото „Тргни кон здраво срце“.

„Прославата ќе се одржи во два дела. Едниот дел е превентивни здравствени преглди кои ќе ги овозможат локалните организатори, овде тоа е Заводот за кардиоваскуларни заболувања, вториот дел ќе биде една спортска актвност, која ќе нема натпреварувачки дух туку ќе промовира здрави животни навики, односно ќе де одржи еден крос, а целта е да се промовира здравиот начин на живот, а колегите лекари ќе делат промотивен материјал и совети кои се поврзани со здрави животни навики“, – истакна Спироски.

Претставникот на Центарот за рехабилитација и превенција на кардиоваскуларни заболувања од Охрид , д-р Марија Зимбова ја истакна подготвеноста за настанот кој ќе се одржи на 29 септември од 9 до 12 часот на градскиот плоштад каде ќе се вршат превентивните прегледи, мерење на крвен притисок, правење на ЕКГ, мерење на шеќерот, холестеролот во крвта и совети за здрав живот.

На денешната прес конференција присуствуваше и алпинистката Илина Арсова, која е заштитно лице на манифестацијата по повод светскиот Ден на срцето.