Министерството за внатрешни работи постапувајќи на полето на сузбивање на недозволена трговија со наркотици од Р.Албанија преку Р.Македонија кон западноевропските земји како крајна дестинација, реализираше случај на недозволена трговија со наркотична дрога, при што се запленети 85,870 кг марихуана.
Имено, денеска, 02.10.2013 година, по претходно изготвен план и преземени координирани мерки и активности на магистралниот пат Охрид-Скопје, околу 01,00 часот во близина на превојот Пресека, од страна на полициски службеници, направен бил обид за контрола на патничко возило„Ауди А4“ со охридски регистерски ознаки. Возачот не постапил по наредбите на полицијата, и наместо да застане, свртел полукружно и со голема брзина се упатил во правец на Охрид каде во близина на с.Ботун, поради неприлагодена брзина,со возилото излетал од коловозот, по што веднаш се дал во бегство.По куса потрага и бркотница, истиот од страна на полициски службеници е совладан и лишен од слобода.
Според досега документираните сознанија, лицето С.А (34) од Струга на во текот на вчерашниот ден, од засега непознато лице набавил наркотична дрога марихуана, со цел истата да ја транспотира до Скопје за што добил парична надокнада во износ од 1070 евра. С.А дрогата ја сместил во внатрешноста на возилото и се упатил кон Скопје при што во близина на превојот Пресека, бил пресретнат од полициските патроли. Откако се обидел да избега и излетал од патот, извршен е претрес во возилото и при претресот на предното совозачко место пронајдена е бела вреќа во која имало 7 пакувања облепени со кафеава селотејп лента, исполнетисо растителна материја, додека на задните седишта се пронајдени една вреќа во која,исто така, имало седум пакувања облепени со кафеава селотејп лента со растителна материја и една голема црна патна торбица со вкупно 30 прозирни полиетиленски пакувања со растителна материја, а во багажниот простор на возилото е пронајдена бела вреќа во која имало седум пакувања облепени со кафеава селотејп лента со растителна материја и една голема црна патна торбица со вкупно 30 прозирни полиетиленски пакувања, односно вкупно 81 пакување со растителна материја.
Пронајдената растителна материја е предадена на вештачење во Одделот за криминалистичка техника при Министерството за Внатрешни работи на РМ, при што е утврдено дека се работи за марихуана со висок квалитет со вкупна тежина од 85,870 кг која што на европскиот нарко пазар при продажба на големо би достигнала цена од околу 250.000 евра додека на мало на улиците во европските градови може да се продаде и за 1.000 000 евра.
Од страна на МВР во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава против лицето С.А поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”, казниво по чл.215 став 1 од КЗ на РМ. ОНТД презема дополнителни мерки и активности заради целосно расчистување на случајот, утврдување и кривично правно санкционирање и на други инволвирани лица.