Избрани 1.600 социјално ранливи лица кои ќе бидат вработени во државни институции

Со директното компјутерско рангирање избрани се 1.600 лица од социјално ранливи категории кои ќе бидат вработени во државните институции и органи согласно огласот за вработување на лица од социјално ранливи категории објавен од ЈП „Македонски шуми“.

Компјутерското рангирање беше извршено во рамки на отворена програма на програмата на Македонската телевизија. Изборот е направен од над 20.000 пријавени лица. Избраните ќе бидат првично вработени во ЈП Македонски Шуми, потоа дел од нив ќе останат работа во ова јавно претпријатие, а другите ќе бидат преземени во други институции. Имињата на избраните се читаат во рамки на отворената програма, а можат да се видат и на веб страната на Македонски шуми.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој присуствува на рангирањето на овие лица истакна дека проектот за вработување на 1.600 лица е наменет да им помогне на најранливите категории на граѓани, оние кои, како што рече, се најсиромашни и кои вообичаено најтешко доаѓаат до работа.

„Ако се погледне структурата за кои лица се работи, ќе се види дека се работи за лица поделени во четири групи. Тие или се невработени подолго од 10 години, без ниеден вработен во семејството, од многудетни семејства, или самохрани родители, односно од семејство кое еднородителско“, рече Ставрески.

Додаде дека целта на Владата била на таквите лица да им се помогне, односно да им се даде шанса во животот, да се вработат да го обликуваат својот живот, да оформат смејство… На таков начин, рече, сакаме да ги извлечеме од кругот на сиромаштијата овие лица на кои тоа им е најпотребно.

Тој истакна дека првпат во 22 години, на ваков начин директен начин им се помага на најранливите граѓани.

„Овојпат се решивме со посебен конкурс наменет за нив  со цел да имаат поголема или најголема шанса да бидат избрани, а не други лица, затоа целата постапка бешпе зачајно иако е сложено да се изведе на транспарентен начин и ние многу внимателно цела постапка ја реализиравме од мај кога беше објавен огласот“, рече Ставрески.

Изборот е направен согласно објавените критериуми и опфаќа четири групи лица и тоа долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.

За секоја од овие категории се предвидени по 400 вработувања при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование. При изборот водена е сметка и за правичната застапеност на етничките заедници. Од избраните, најголем дел, 976 се неквалификувани, со средно или шишо образование и 152 со високо образование.

Изборот беше извршен од компјутерски електронски софтвер кој содржи податоци за апликантите собрани на три начини заради обезбедување транспарентност и правичност на процесот. Првиот вид се податоци кои самите апликанти ги навеле во обрасците што ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“. Вториот вид се податоци со кои располагаат државните институции (УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување), а кои се обезбедуваат по службена должност и третиот тип се собрани од специјализирани тимови на институциите кои извршиле теренски посети на поедини апликанти за да ја утврдат веродостојноста и точноста на наведените податоци.

На извршувањето на изборот присуствуваа и министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски и директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски.

Лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор.