Министерството за внатрешни работи утре ќе распише оглас за вработување на нови 400 полициски службеници.
Заинтересираните ќе може да аплицираат веќе од вторник, а рокот за доставување на пријавите е 10 дена.
Кандидатите треба да ги исполнат основните услови, односно да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не се постари од 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и да не им е изречена правосилна пресуда за вршење професија. Покрај ова, кандидатите од машки пол треба да бидат високи минимум 175 сантиметри, а жените 165 сантиметри.
Изборот на кандидатите ќе се одвива во пет фази – проверка на поднесената документација, проверка на моторичките способности на апликантите, писмено тестирање кое ќе опфати општообразовен и психички тест, интервју и здравствени прегледи.
Оние кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука во времетраење од една година, а по завршувањето на обуката ќе склучат договори за вработување во Министерството за внатрешни работи. На основната обука ќе се упатат 10 проценти поголем број кандидати од оние што се бараат со огласот.
„Заедно со 300-те кандидати кои ги селектиравме минатата година, Министерството по завршувањето на овој конкурс ќе добие вкупно 700 нови млади полициски службеници што ќе претставува значително освежување на кадарот“, истакна денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Таа нагласи дека при изборот на кандидатите ќе се води сметка за правичната застапеност на сите етнички заедници и ќе се има предвид и родовата еднаквост.
Минатата година Министерството за внатрешни работи објави оглас за вработување на 300 полициски службеници.