Со новиот електронски потсетник, бизнис заедницата навреме ќе биде информирана за истекот на роковите за разни дозволи и лиценци што треба да ги поседуваат со цел да не доцнат со апликациите.
За оваа новина денеска во Министерството за економија разговараа владиниот тим предводен од министерот за економија Ваљон Сарачини и претставници од Услужната и трговската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Со електронскиот потсетник, 30 дена пред истекот на рокот за поднесување на дозволите и лиценците, во електронска форма ги известуваме компаниите дека треба да ги обноват документите“, изјави Билјана Д. Стојановска, државен советник во Министерството за економија.
Покрај за оваа новина, на работната средба е разговарано и за проблемите со кои се соочуваат компаниите во нивното работење.
Стопанствениците ја поздравија иницијативата на Владата за отворен дијалог со бизнис заедницата со надеж дека заеднички ќе изнајдат решенија за проблемите со кои се соочуваат во работењето.
„Позитивна работа е тоа што почнува да се разговара и да се бараат решенија. Постојат потешкотии во работењето на бизнис секторот, меѓутоа ако почнеме заеднички и квалитетно да ги разгледуваме, се надевам дека во најкус временски период ќе најдеме решение“, истакна Владимир Билбилов од Групацијата на импортери на нови моторни возила при Сојузот на стопански комори.
Во однос на пазарот на нови возила, Билбилов информира дека увозот и продажбата на нови возила во последните четири години е во континуиран пад.
„Тоа е долгорочен бизнис. Ние правиме долгорочни инвестиции така што треба да се помогне на некој начин, односно да се создадат услови паралелно да може да се функционира како со новите, така и со половните возила. Нашите барања се транспарентни и едноставни. Сакаме да создадеме критериум кој ќе биде квалитетен и сите нас ќе не движи поблиску до сите регулативи и закони во Европска унија“, рече Билбилов.