Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска имаше работна средба со германски стопанственици на која ги претстави инвестициските можности што ги нуди Република Македонија со посебен акцент на секторот енергетика, условите во технолошко-индустриските развојни зони и брзите, ефикасни постапки за отворање и водење бизнис кои ја рангираат Македонија меѓу државите со најниски трошоци на ова поле во Европа.
Како што информира владината прес-служба, вицепремиерот се осврна на поволните услови за странските инвеститори, особено на реформите и мерките кои Владата ги презема во насока на подобрување на деловната клима, бизнис опкружувањето и даночната политика.
„Реализирање што поголем број странски инвестиции преку континуирано унапредување на условите за водење бизнис и постојани средби и состаноци со бизнис заедницата и овозможува на државата дополнително да ги развива бизнис можностите за компаниите во Република Македонија“, рече Пешевски на средбата.
На работниот состанок присуствуваа и министерот задолжен за странски инвестиции Бил Павлевски, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија Гудрун Штајинакер, директорите на Стопанска комора Нинберг за централна Франконија и Стопанска комора на Германија во Македонија и претседателот на Македонско- Германското стопанско здружение.
Состанокот го организираа Министерството за економија, инфраструктура, сообраќај и технологија на СР Германија, Стопанската комора Нирнберг за централна Франконија и Македонско-германското стопанско здружение.