Во Воената академија во Скопје денеска свечена заклетва дадоа питомците од 17 класа – студенти од првиот циклус на студии во учебната 2013/2014 година.
На 31 питомец, од кои 26 од Република Македонија, по двајца од Црна Гора и од Косово, како и еден од Босна и Херцеговина, министерот за одбрана Талат Џафери честитајќи им на заклетвата, нагласи дека во наредните четири години преку практична и теоретска настава според светските стандарди, ќе се здобијат со современи знаења од воената професија.
Осврнувајќи се на позицијата на АРМ, која од 2002 година придонесува во меѓународните мировни операции, Џафери им укажа дека обврска на идните офицери е достојно да ја претставуваат армијата, дома, во НАТО, во ЕУ и во ООН, односно во операциите секаде каде што ќе се укаже прилика како најдобри амбасадори на мирот на Република Македонија.
На свеченоста пред присутните меѓу кои и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев и државниот секретар Сашо Стефаноски, деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски им порача на питомците дека им претстојат тешки денови во кои професорите ќе бараат знаење, а командирите дисциплина.
„За да успеете ќе морате неизмерно да се трудите и да имате само една цел – да станете одлични офицери и лидери“, нагласи меѓу другото деканот Поповски, додавајќи оти тие не смеат да ги заборават зборовите од дадената воена заклетва и да го изгубат своето значење.