Министерството за образование и наука ќе додели субвенции, односно еднократни финансиски средства во висина од 30 000 денари за 179 научни трудови од македонски автори објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание. На денешната прес конференција министерот Ристовски рече дека конкурсот на МОН за 2012 година беа доделени субвенции за неколку научни области, и тоа 50 за трудови од природно-математичките науки, 50 од техничко-технолошките, 24 од медицинските науки и здравството, 39 од биотехничките, 12 од општествените и четири труда од хуманистичките науки.
„Морам да напоменам дека во некои области интересот беше навистина голем и бројот на поднесени трудови ја надмина предвидената квота, при што како дополнителен критериум во предвид беше земен бројот на трудови коишто се пријавени од еден автор, да не надминува повеќе од 3. За оваа намена во буџетот на министерството обезбедени се потребните средства во износ од околу 5,5 милиони денари“, рече Ристовски.
Со инсталирањето на нови современи лаборатории на високообразовните институции, како и со преводот на врвна стручна литература на македонски јазик, значително се подобрени практичните и теоретските условите за изработка на научно истражувачки трудови, што пак е причина повеќе тие да бидат објавени во меѓународни списанија со фактор на влијание, додаде министерот. Ристовски очекува зголемен интерес на апликации на конкурсот за 2013 година кој е во тек и ќе трае до јуни 2014 година. Во 2012 пристигнале 208 научни трудови, од кои 29 биле одбиени бидејќи не ги исполнувале условите за субвенционирање, додека во 2011 година финансиски средства МОН доделил за 151 труд.