Колку сме, толку сме – малку сме

„Малку првачиња оваа година во охридските и во македонските училишта. Не  е баш најдобар податок за нас Mакедонците, но што е тоа е. Kолку сме толку сме, да сме здрави и живи и да  имаме сила  и знаење за да бидеме успешни. Да ги почитуваме корените, предците и нивните аманети за  да си го сочуваме  родот, народот и породот“.  Вакви беа зборовите на проф.Димче Донески, наставникот по македонски јазик, по одржаната  пригодна  свеченост  за  приемот на првачињата во детската организација. А овој настан се одржа  во подрачното училиште во Косел, каде  оваа година учат само 5 (пет!) нови првачиња кои свечено се заколнаа „со чесен татковински збор“ и ветија дека ќе учат и ќе ги почитуваат и наставниците и другарчињата и родителите!

Приредбата, која траеше четириесетина минути беше збогатена  и со повеќе музички, драмски и рецитаторски точки во кои учествуваа речиси сите ученици од прво до осмо одделение, а своите творби и настапи им ги посветија на првачињата, но исто така и на денот од пред 72 години, празникот 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ.

Низ неколкуте фотографии може да се види дел од денешната приредба со која Подрачното училиште во Косел ги одбележа овие два настани: Денот на Востанието и Приемот на првачињата  во Детската организација!

ПРВАЧИЊА, СРЕЌНО!