По констатирањето на недостигот на педагози и психолози во средните училишта предвидено е да се примат вкупно 294 лица, изјави премиерот Никола Груевски.
„Констатирано е дека има недостиг на педагози и психолози во средните училишта. Предвидено е да се примат вкупно 294 лица во две-три фази. Конкурсот наскоро треба да се објави и првата група од најмалку 70 лица треба да биде примена до крајот на оваа година. Втората група ќе биде во следната година, а третата најдоцна до 2015 година“, рече Груевски.
Со тоа, како што појасни, ќе се реализира замислата да се комплетираат скоро 300 педагози и психолози кои треба да се вклучат во образовниот систем во оној дел кој е во нивна надлежност, односно комуникација со родителите и со децата кои имаат некакви проблеми во образовниот процес, но и нивна помош во натамошно кариерно определување и во други сегменти што се специјалност на овие лица и во голема мера може да помогнат на нашите ученици и на нивните родители во многу сегменти.
„Станува збор за една сериозна бројка која ќе биде реализирана и тоа е еден од чекорите на Владата за подобрување на квалитетот на образовниот систем и помагање на младите да израснат со максимална помош, поддршка на сите оние лица на коишто би можеле да им помогнат“, истакна премиерот Груевски.