Премиерот Никола Груевски по повод Курбан Бајрам упати честитка до претседателот на Исламската верска заедница на Република Македонија, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи.
„Почитуван Претседател на Исламската заедница во Република Македонија, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,
Дозволете Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот верски празник – КУРБАН БАЈРАМ.
Хуманизмот и милосрдието меѓу луѓето кои се вековна традиција на овој простор и кои се карактеристика на овој празник, нека продолжат и оваа година. Споделувањето и простувањето помеѓу верниците, нивните роднини, пријатели и сограѓани, без разлика на вера, националност или друга определба, нека и оваа година биде симбол на почитувањето, толеранцијата и разбирањето меѓу луѓето. Тоа се вредности кои од секогаш го краселе нашето општество, вредности кои ги втемелиле нашите предци, вредности кои неуморно сме ги граделе низ годините и кои сигурен сум и во иднина ќе ги негуваме и празнуваме во нашата земја.
Верувајќи во вредностите кои не поврзуваат, и со верба во силна, развиена и напредна Република Македонија, Ве повикувам и понатаму да продолжиме заеднички да работиме на реформите и на модернизацијата на нашата земја, на подобрувањето на стандардот на граѓаните, унапредување на нашето граѓанско општество, развој на можностите во културата, образованието и останатите општествени сфери, на промоција на добрите вредности и добрата мисла во Македонија, како најдобра гаранција за понатамошни успеси за заеднички просперитет.
Со искрени чувства за уважување на големиот празник, би сакал да Ви посакам убави празнични денови, многу здравје, хуманост, среќа и бериќет.
Нека Ви е честит Курбан Бајрам!“