Република Македонија континуирано се залага за координација и за развој на капацитети и способности за справување со кризи од невоена природа, како на национална, така и на регионална основа.
Ова го изјави министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери, на отварањето на Конференцијата и семинарот за научени лекции од операциите и вежбите организирани од Европатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО што од денеска до 17 овој месец се одржува во Охрид.
Според министерот Џафери, Македонија како кандидат за членство во НАТО и ЕУ, континуирано придонесува во операциите предводени од НАТО и ги поддржува сите операции координирани од Алијансата, и како што подвлече, високо ја цени улогата на Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО.
„Денес, справувањето со кризите од невоена природа не може да се спроведе без помошта од Меѓународните институции и организации, како што е Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО. Теренските вежби и обуката, која ја сповдува Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО поврзани со обуката, се драгоцен ресурс за да се согледаат позитивните страни, но и слабостите на системот за управување со кризи во секоја држава, која партиципира во активностите на Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО, а со тоа да се овозможи негово подобрување и надградба“, рече министерот Џафери.
Потсетувајќи дека ниту регионот во кој се наоѓа Република Македонија не е исклучен од случувањата, кои за последица можат да имаат материјални и човечки жртви, првиот човек на македонската одбрана како практичен пример за регионална соработка во одоговорот со ваквите предизвици го посочи справуваењето со поплавите во Република Албанија, каде што учествуваа претставници на Армијата на Република Македонија со тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Помошник генералниот секретар за операции на НАТО, амбасадорот Стивен Еванс истакна дека досегашното искуство на Алијансата говори дека за справување со предизвиците е потребно друштво, и токму затоа, како што нагласи, НАТО ги негува сите партнерства при справувањето со предизвиците.
„Евроатласнкиот координативен центар за справување со катастрофи има задача да координира и одговара на природни и други катастрофи предизвикани од човекот и секогаш го прави тоа во соработка со НАТО сојузниците и со мрежата меѓународни организации, со кои има воспоставено добра соработка“, подвлече Еванс.
На отварањето на Конференцијата, амбасадорот рече дека научените лекции се важни и за НАТО и за партнерите, зашто ја подобруваат меѓусебната соработка.
„Важно е да се каже дека доколку имаме исти научени лекции, на тој начин ќе ја подобриме способноста за заедничка работа во иднина и ќе постигнеме едно повисоко ниво на интероперативност“, додаде Еванс.
Целта на дводневната средба на учесниците од над 60 земји во светот кои се сојузници, но и партнери на НАТО е да се споделат досегашните искуства, научените лекции, истражувањата и согледувањата на новопојавените предизвици во справувањето со кризите од невоена природа, техничко-технолошките катастрофи и од човекот предизвикани несреќи.
Конференцијата посветена на научените лекции од операции и вежби извршени од Евроатлантскиот центар за одговор и координација при кризи – ЕАДРЦЦ, се реализира во организација на Центарот за управување со кризи и Министерството за одбрана на Република Македонија.