Повеќе од 150 наставници од средните училишта кои предаваат предмети поврзани со претприемништвото денеска ја започнаа обуката на тема „Како се предава претприемништво?“, организирана од Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет.
На обуката, чија цел е промовирање на претприемничкиот дух, развивање на креативноста и иницијативноста кај младата популација, на наставниците ќе им се пренесат најновите трендови за предавање на предметите поврзани со претприемништво за да можат тоа да го пренесат на учениците во средните училишта.
Своите искуства за време на неколкудневната обуката ќе им ги пренесе експертот Енди Пеналуна од Свонси Универзитетот од Велс, воедно и претседател на мрежата за претприемачко образование на Обединетото Кралство.
„Во наредниве неколклу денови директно ќе се реализира фокус обука, а во текот на целата година континуирано ќе се следи целиот процес на имплементација на иновациите кои ќе бидат дел од процесот за развој на претприемништвото генерално“, порача министерот за образование и наука Спиро Ристовски во своето обраќање пред почетокот на обуката.
Тој нагласи дека Владата полага внимание на развојот на претприемачкиот дух и претприемништвото со главен фокус да се развие уште во најмали години кај учениците преку наставниците.
„Владите можат да носат било какви стратегии, меѓутоа стратегија за генијални идеии и за постигнувања и развој на претприемачкиот дух кај децата, односно она што внатре треба да се создаде кај нив како развој на идеи не може никој да донесе. Таа може да се криера преку една системска сеопфатност на креирањето на претприемачкиот дух воопшто“, рече Риствоски.
Целта на денешниот настан, прецизира, е заедно со наставниците да ги изанализираме досегашните постигнувања и очекувањата и насоките за следниот период.
„Основната идеа е да овозможиме со нашата основна алатка – наставниците да искреираме општество или опкружување кое ќе биде подготвено да ги прифати генијалните идеи, иновациите и претприемништвото како процес на развојот на креативниот дух кај децата, а со тоа да се овозможи и креативен развој на целокупното општество“, рече Ристовски.
Екпсертот Пеналуна нагласи дека тренингот е огромен предизвик за него, бидејќи значи менување на начинот на мислење, а не само добивање на знаење.
„Знаењето е многу битно за предизвиците со кои се соочуваме во време на индустријализацијата. Но, сепак денеска вештините се менуваат и бараат нови начини знаењето да им помогне на заедницата и општеството“, рече Пеналуна.
Проф. Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет посочи дека новите генрации се повеќе имаат осет на претприемништво.
„Од година на година се повеќе осеќа нагорен тренд во збогатувањето на мислата и начинот на размислување и во проактивноста кај младите генерации“, нагласи Поленаковиќ.