Вкупно 752 лека (иновативни, оригинатори и генерички лекови) од денеска во аптеките се продаваат по намалени цени. Намалувањето на максималните цени на лековите е четврто по ред. Вкупната проценета годишна заштеда на годишно ниво за граѓаните, јавните здравствени установи и буџетот со ова октомвриско намалување на цените на лековите е околу 7.400.000 евра.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека значително намалување има кај сите фармакотерапевтски групи на лекови, посебно кај антинеопластици и имуномодулатори, лекови за кардиоваскуларен систем, антиепилептици, антибиотици, антимикробни лекови, антивирусни лекови, седативи, антиревматски, како и лекови кои делуваат на желудник и гастроинтестинален систем, имуносупресивите и др. Со намалувањето се опфатени како лековите за болничка употреба, така и лековите кои граѓаните ги купуваат во аптека.
Од анализата на Бирото за лекови, посочи министерот, се воочува дека најголемо намалување има кај максималните цени на следните лекови: Spiriva Respimat (81,72 отсто) – за лекување на астма и хронични обструктивни болести, Plavix (54,83 отсто) – антикоагуланс, Celebrex (51,27 отсто) – антиревматски лек, Neupogen (48,12 отсто) – имуномодулатор, Morfin Hidrohlorid Alkaloid (45,65 отсто) – јак аналгетик и Xatral (45,50 отсто) – лек за простата.
„Согласно Методологијата за одредување на цените на лековите и изготвената анализа од Бирото за лекови се намалуваат цените на 337 иновативни лекови и оригинатори, како и 415 генерички лекови. Процентуалното намалување на максималните цени на оригинаторите и иновативните лекови изнесува од еден до 81 процент, односно просечна цена на намалување на лековите изнесува 743 денари.Вкупната заштеда кај оригинаторите и иновативните лекови изнесува околу 106 милиони денари, односно 1.720.600 евра“, рече Тодоров.
Најголемо намалување во денари, нагласи тој, има кај лековите Tarceva од 100 и 150 мг (антинеопластик) – има намалување, односно разлика во цена од 13, односно 15.000 денари, Tyverb од 250 мг (антинеопластик) – има разлика во цена од околу 11.000 денари, Spiriva Respimat 2.5 микрограми (лек за хронична астма) – разлика во цена од 8.700 денари, Fludara од 10mg (антинеопластик) – разлика во цена од 6.000 денари и CopeguS 250 мг (антивирусен лек)- разлика во цена околу 7.400 денари.
„Забележително намалување има и кај генеричките лекови, каде се намалени цените на 415 генерички лекови.Просечното процентуално намалување изнесува 23,57 отсто, односно просечна цена на намалување на лековите е 2.226,50 денари, додека проценетата заштеда изнесува 347.711.000 денари (5.654.000 евра). Пример, најголема заштеда има кај генериката Lansoprazole од 30 mg, станува збор за лек за стомачен улкус, со намалување од 527 денари на 312 денари, со што годишно се заштедуваат околу 386.000 евра“, истакна Тодоров.
Појасни дека кај генериката Nimesulide од 100 mg (антиифламаторен аналгетик), со намалување на максималната цена од 219 денари на 97,73 денари, со што годишната заштеда изнесува 355.000 евра.
„Процентуално намалување има и кај генериките: Vinorelbine (лек за малигни заболувања)-намалувањето изнесува 85,65 отсто, Darbepoetin alfa (терапија за канцер)- има намалување од 82,13 отсто, Irinotecan (за лекување ректален карцином) – 72,02 oтсто, Gemcitabine (лек за канцер на гради и бели дробови) – 71,92 oтсто, Irinotecan (лек за ректален карцином) – има намалување во цена од 72 отсто, Olmesartan (лек за намалување на крвен притисок) – 71,40 oтсто, Docetaxel (лек за леукемии)- разлика во цена 60 oтсто, Еverolimus (лек за малигни заболувања) – има разлика во цена од 30,15 отсто, Temozolomid (лек за карциноми) – разлика во цена од 58 oтсто, Zoledronic acid (третира оштетувања на коски при малигни состојби) – разлика во цена од 40 oтсто“, рече Тодоров.
Доколку, посочи министерот, би ги сумирале проценетите заштеди на годишно ниво, заштедата кај генеричките лекови ќе изнесува 5.654.000 евра, додека кај оригинаторите и кај иновативните лекови изнесува 1.720.600 евра. Вкупната проценета заштеда на продажбата на иновативните и лековите-оригинатори во аптеките изнесува 866.000 евра на годишно ниво.
Проценетата заштеда кај болничките лекови, како што рече, изнесува 2.200.000 евра, а вкупната проценета заштеда на годишно ниво, со ова октомвриско намалување изнесува околу 10.440.000 евра.
„Според податоците од Мој Термин, лекот Pancef – антибиотик во септември бил препишан 4.300 пати, односно заштедата за септември според намалувањата би изнесувала 780.800 денари (12.700 евра). Истиот лек до 15 октомври е препишан 2.600 пати, односно досегашната заштеда би била 7.700 евра.Генериката Lansoprazole- лек за улкус од 30 mg, во сите фармацевтски форми и пакувања во септември била препишана 18.600 пати од страна на матичните лекари, односно заштедата за септември би изнесувала 60.000 евра“, потенцира Тодоров и додаде дека до 15 октомври, истата генерика била препишана 11.200 пати од страна на матичните лекари, односно заштедата за првите 15 дена од октомври изнесува 36.100 евра.
Тој укажа дека Lisinopril – антихипертензив од 20 mg e една од најчесто препишуваните генерики, која во месец септември била препишана 43.000 пати од страна на матичните лекари, односно заштедата за септември според намалувањата би изнесувала 1.080.000 денари (17.500 евра) и додаде дека таа генерика и јачина до 15 октомври била препишана 30.600 пати од матичните лекари, и заштедата изнесува 766.200 денари (12.500 евра).
„Продолжуваат заложбите на Владата и на Министерството за здравство за намалување на цените на лековите, како и овозможување на поголема достапност на лековите кои се неопходно потребни за одржување на здравјето, превенирање или лекување на одредени заболувања“, додаде министерот Тодоров.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот истакна дека не смее да се изврши промет на лековите над оваа цена бидејќи тоа е кривично дело..