Меѓународен научен собир – 140 години од упокојувањето на Дичо Зограф

Македонската православна црква во чест на 140 години од упокојувањето на  големиот македонски зограф од времето на преродбата, Дичо Крстев Зограф од Тресонче, организираше меѓународен научен собир, се со цел да се расветли уште повеќе неговото огромно црковно уметничко дело на цела Македонија, со посебен акцент на Дебарско-кичевската епархија. Научниот собир се одржа денес во просториите на митрополитско-административниот центар на Дебарско-кичевската епархија.

„Можеби некој ќе постави прашање зошто одбележувате ваков нецелосен јубилеј. Има повеќе причини. Затоа што се ближи 200 години од неговото раѓање за неколку години кога треба да се одбележи, со поголемо внимание и со поголема научна присутност и сам по себе тој јубилеј е поголем од 150 години. Втора димензија е затоа што потекнува од овој крај од Тресонче кој е во реканскиот крај од Дебарско-кичевската епархија“, – истакна Митрополитот Дебарско–кичевски Тимотеј. 

Првите негови творби или негови икони, ги наоѓаме токму на просторот во струшко и во охридско и  неговите завршни дела се наоѓаат исто така на оваа епархија.

„Тоа се поводи и причини да го расветлиме и предизвикаме поголемиот интерес кај луѓето од таа област кои се занимаваат со историја на уметност. Верувам дека повторно ќе ги организираме овде со епархијава и со другите стручни научни просветни институции во Македонија“, – изјави Митрополитот Тимотеј.

Според академик Цветан Грозданов, Дичо Зограф е најголем црковен зограф на територијата на Балканот.

„Неговата подвижност е неверојатна и фрапантна бидејќи станува збор за скоро три илјади икони за кои се уште се трага, а сигурно е дека само во Западна Македонија има над две илјади икони кои се регистрирани јавно. Тој е родоначалник и тоа племенски, на двајцата први македонски модерни уметници Лазар Личеновски и Димитар Пандилов. Неговата школа е голема. Има многу ученици, но тие го немаат неговиот исклучителен талент“, – истакна академик Грозданов.

М-р Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи изјави дека лично смета дека овој научен собир е од историско и големо значење, особено затоа што е поттик за научната мисла во Република Македонија.

„Ова треба да биде само показател како институциите, а тоа значи Институтот за нациолна историја понатау македонската академија на науките треба да го изучуваат овој првенец Зоограф,би рекла и родоначалникот на фреско живописанието на Македонија. Дичо Зограф е човекот кој на сиот свет му покажа како со боја и со масло од Бигорскиот манастир тргна и ги научи другите десетмина редум низ сиот свет да сликаат и пораките да бидат директно од Библијата, не со збор, туку со масло, но масло кое е составено и од неговиот ум и од неговото книжевно сознание од сиот свет,“ – истакна Божиновска.

WebOhrid