Градоначалникот Бакрачески пазареше и донираше за социјално загрозените охриѓани

Во рамки на одбележувањето  на „Неделата на борба против гладта“, денес градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од Општината и Советот со купување  прехранбени производи се вклучија во акцијата што Локалната  ја реализира заедно со „Црвен крст“ Охрид, а се однесува на донирање прехранбени пакети за социјално загрозените семејства  од градов.

„Ние како Локална самоуправа и јас лично како градоначалник имам намера да се вкучам во оваа хуманитарна акција и да им помогнеме на граѓаните на Охрид кои што навистина имаат социјални проблеми и се справуваат со елементарни потреби, не само за набавка на прехранбени производи туку и други основни артикли на секојдневно живеење. Да ја помогнеме оваа кампања и вооедно да ја подигнеме свеста на граѓаните во Охрид за спроведување на едни вакви хуманитарни солидарни мисии“, – изјави градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот напомна дека Општина Охрид од својот буџет има одвоено средства кои се наменети за вакви хуманитарни активности.

„Јас формирав неколку екипи од вработени во Локалната самоуправа кои што секојдневно се на терен, можеби за вас е непознато како медиуми, тие одат на терен по некоја дојава на наш граѓанин или по своја сопствена проценка, ги обиколуваат населбите во градот, приградските населби и селата. Општина Охрид како организирано тело ќе се вклучи во оваа кампања со подготовка на неколку социјални пакети. Ние континуирано ќе продолжиме да ги помагаме социјално загрозените семејства, затоа што моите служби и моите вработени знаат дека најдобро потрошениот и најкорисно потрошениот денар на Општина Охрид од буџетот е токму за оваа намена за социјално загрозените лица“, – додаде Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески упати апел до сите граѓани на Охрид да се вклучат што помасовно во оваа акција заедно со службите на  Црвен Крст или индивидуално посебно да ја подржат акцијата за борба против гладта.

Во хуманитарната акција се вклучија и дел од медиумите меѓу кои и WebOhrid.

WebOhrid