Од идниот месец почнуваат контролите на е-дневникот

Министерството за образование и наука од 1 ноември ќе почне со контролите на внесувањето податоци во е-дневниците, најави денеска ресорниот министер Спиро Ристовски.

„Не ни е целта да извршиме контроли за да ги казниме наставниците, туку  да обезбедиме целосна функционалност на е-дневникот, негово навремено и комплетно исполнување со податоците кои се неопходни за учениците, нивните родители и за наставниците. Контролите ќе бидат реализирани на целата територија на Република Македонија“, рече министерот Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето Меморандум за соработка со општина Илинден и МЕПСО.

Во иднина, нагласи, контролите на е -дневникот во континуитет ќе се спроведуваат онака како што е планирано, односно со еднаш неделно внесување на сите податоци и со намалените прекршочни одредби во рамки на Законот за просветна инспекција.

„Нашата основана цел е да обезбедиме целосна функционалност на е-дневникот, функционалност на наставниците и навремена информираност на родителите“, рече Ристовски.

Тој истакна дека во летниот период  е направена корекција на платформата на која функционира е-дневникот поради техничките проблеми со кои се соочуваа наставниците.

„Сега е-дневникот работи на комплетно нова позадинска платформа. Обезбеден е дополнителен агрегатор кој обезбедува заштита од евентуален пад и губење на струја и интернет конекција. Истовремено корегирани се голем број процеси во работата на електронскиот дневник, а во тест периодот во септември исклучително е подобрена неговата функционалност“, прецизира Ристовски и додаде дека од 1 октомври веќе се користи е-дневникот со новата платформа.

За дваесетина дена најави дека ќе бидат готови и целосните резултати од екстерното тестирање.