Република Македонија е посветена кон можноста да придонесе во новата мисијата во Авганистан предводена од НАТО по 2014 година, акцентираше министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите-контрибутори во силите ИСАФ во Авганистан, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел.
Армијата на Република Македонија располага со експерти за обука и советување во областа на воената полиција, врските, разузнавањето и други области, додаде министерот и посочи дека тоа би се реализирало согласно потребата на Авганистан и согласно нашите национални капацитети и способности.
Република Македонија, рече министерот Џафери, во последната деценија континуирано придонесува во меѓународните мисии, посебно во мисиите предводени од НАТО каде од 2002 година до денес, во меѓународните операции биле распоредени околу 50% од воениот персонал на Армијата на Република Македонија. Како што додаде министерот, нашата држава и идната година планира да го задржи истото ниво на придонес во меѓународните мировни операции како и оваа година.
Во однос на прашањето поврзано со Резолуцијата 1325 на ООН чиј процес на имплементација беше споменат на состанокот, министерот Џафери посочи дека во досегашниот период повеќе од 200 припаднички на женскиот пол учествувале во меѓународните мировни операции во кои дава придонес Република Македонија. Како што реше министерот, во јануари оваа година Владата на Република Македонија го усвои и Националниот акциски план за имплементација на резолуцијата 1325 на ООН, со цел јакнење на половата перспектива и партиципацијата на жените во мисиите чиј дел е Република Македонија.
Воедно, на маргините на Состанокот, министерот Џафери оствари засебни средби со министрите за одбрана на Кралството Холандија Жанин Хенис-Пласкерт и на Кралството Шведска, Карин Ектром на кои стана збор за меѓусебната соработка, како и за начините и модусите за нејзино понатамошно развивање.