Благодарници за хуманите донатори во акцијата „Се грижиме за топол дом“

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска им додели благодарници на граѓаните кои активно се вклучија во акцијата „Се грижиме за топол дом“, која што има за цел да им помогне на социјално загрозените лица преку донирање покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди…

„Замислата за покренување на оваа акција да се поттикнува хуманоста кај граѓаните и  заеднички да помогнеме на социјално загрозените групи, но и да потенцираме дека е потребно  да се развива нивото на свесност за солидарност и заемно помагање. Сите ние, можеме да направиме добро дело кое подразбира помош за нашиот близок, за нашиот сосед, или непознат. Високата свест на заедништво  треба да ја споделуваме како граѓани на ова општество, така што ќе развиваме чувство на одговорност кон луѓето кои живеат во полоши услови од нашите“, рече министерот Спасов.

Според него, акцијата „Се грижиме за топол дом“ е показател за тоа дека за хуманост не треба вложување на огромни финансиски или материјални средства, туку оти е доволно да го споделиме она што го имаме.

„Особено сум горд на интензитетот со кој се одвива овој проект, но и прифатеноста во јавноста. Тоа го покажуваат бројот на пријавените граѓани како донатори, како баратели, но и подршката која ја добивме од медиумите и јавните личности. При што досега околу 1.000 граѓани и десетина компании донираа мебел и друга опрема и директно им помогнаа да повеќе од 1.000 други семејства кои се во потешка состојба и имаа потреба од помош. Без вас оваа акција немаше да успее“, рече Спасов.

Смета дека сите заедно, институциите, компаниите, здруженијата, медиумите, и граѓанските асоцијации да ја продолжат со креирање на општиот амбиент на хуманост во општеството.

„Така ќе потврдиме дека Македонија е земја на општочовечки вредности. Го повикувам и бизнис секторот да земе активно учество во акцијата, и да биде пример за општествена одговорност“, рече Спасов.

Акцијата  „Се грижиме за топол дом“ ќе продолжи, а покрај тоа што е наменета за лица корисници на права од системот на социјална заштита, наменета е и за други лица надвор од системот на социјална заштита кај кои постои реална потреба од донирање.