Коњановски: До август годинава од извоз на мед остварени 600 илјади евра

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Битола ја отвори традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ со апел да се конзумира квалитетниот македонски мед.

Според евиденцијата на Министерството, во Македонија има околу 4.400 пчеларници со повеќе од 183 илјади пчелни семејства кои заклучно со август годинава обезбедиле 600 илјади евра од извоз на мед.

„Продолжува поддршката на Владата за производителите кои имаат над 35 пчелни семејства, а следната година за поддршка на македонските пчелари во буџетот се планирани околу два милиони евра. Исто така, од ИПАРД-програмата може да се обезбедат финансиски средства со враќање во висина од 50 отсто за осовременување на земјоделските стопанства, набавка на соодветна опрема за подобрување на квалитетот, пакување и етикитирање со што ќе се овозможи македонскиот мед да биде присутен на македонскиот и европскиот пазар“, изјави Коњановски.

Според него, производството на мед во квалитет и квантитет зависи од повеќе фактори, но секако дека најголемиот фактор се временските услови и појавата на пчелни болести.

„Свесни сме за оваа ситуација и сакаме да го подобриме системот за давање на советодавни услуги. До крајот на оваа година ќе биде донесен новиот Закон за советодавни услуги во кој ќе биде вклучена Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Тоа се совпаѓа и со европските регулативи и затоа сметам дека овој потег е правилен бидејќи им овозможува на  сите земјоделци да бидат поуспешни во сузбивањето на болести кои се појавуваат“, истакна Коњановски.

Манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“ и годинава е поддржана од општина Битола.

„Со ваквите манифестации и со нивна популаризација ќе придонесеме секое семејство да користи поголеми количини здрава храна, односно мед кој е добар за децата, спортистите и другите граѓани“, истакна градоначалникот Владимир Талески.

Презентацијата на мед и производи од мед се одржува на плоштадот „Магнолија“ во Битола, а во рамки на манифестацијата ќе се одржат трибини посветени на предностите и проблемите со кои се соочуваат македонските пчелари.