Одржана трибина за Букурешкиот договор и 100 години потоа

„100 години Букурешки договор  и 100 години Македонија потоа“ е насловот на трибината што денес се одржа во Општина Охрид во организацијата на резервните офицери на Македонија.

„Сто годишнината од Балканските војни и Букурешкиот договор, за државите учеснички во нив и креаторите на тој договор, има сосема поинакво значење и историски ракурс, отколку што е тоа случај со Македонија и Македонскиот народ. Ако за нив одбележувањето на овие настани има, ослободителна и херојска кауза, за нас Македонците, треба и мора да има само незаборав за страданијата  и поделбата на нашиот народ, но и голема историска поука. Сто години подоцна ние живееме во слободна и независна Македонија, исправени пред предизвиците  на денешнината , од кои некои за жал се чинат не премостливи, а своите корени ги влечат токму во настаните од пред сто години. Јас верувам дека Македонскиот народ, денес има повеќе мудрост, знаење и мотив да ги реши предизвиците со кои се соочува, а во тоа секако многу ќе помогне правилното разбирање на историјата“, рече претседателката на охридскиот Совет, Гордана Коњаноска, поздравувајќи ги гостите.

„Со негирањето на името Македонија , се негира идентитетот на Македонскиот  народ,грчка игра на која не смееме да подлегнеме. Ние сме Македонци  и ништо друго не можеме да бидеме. Промената на името би значела промена на сите национални белези со самото тоа што кон нив автоматски би се додал некој епитет. Точно поради тоа не смееме да прифатиме никакви измени односно не смееме на името Македонија да додадеме никаква наставка. Т Со тоа се себе уништуваме“, рече пред присутните амбасадорот Ристо Никовски, кој се осврна на  современата македонска историја.

Според Никовски, по Балканските војни и Букурешкиот договор, битна дата за Македонците е 2 август 1944 година кога е создадена Современата македонска држава. 

„Чувството на сопственост мора да го негуваме, односно мора да знаеме да се самопочитуваме. Непосредно пред распадот на Југославија,  во 1988 година за прв пат Грците почнаа да го употребуваат терминот Македонија. Односно со ова  име да ги  нарекуваат  хотелите , рестораните  па и територијалните  површини. Тоа го правеа свесно, затоа што знаеја дека по распадот на Југославија ќе се формира Државата Македонија“, потенцира Никовски.

На трибината  за македонската историја проговорија и професорите Михајло Миновски и Ѓорги Молкоски.

100_god_Bukureski_dogovor_4851

100_god_Bukureski_dogovor_4853