Царинската управа во соработка со Интрасофт Интернешенел, во Скопје во просториите на Царинска управа, официјално ги презентираше развојните активности на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД).
На настанот кој денес се одржа во амфитеатарот на Царинска управа, пред присутните се обрати директорот Ванчо Каргов кој меѓу другото истакна дека од овој проект кој претставува инвестиција на Царинската управа полза ќе имаат сите страни учесници во царинската постапка – трговци, царински органи на Република Македонија, други органи и општеството во целина. Со поедноставување и автоматизирање на административното одвивање на процесите ќе се зголеми ефикасноста во спроведување на контролите, наплатата и ќе се забрза протокот на стока.
Претставник од Интрасофт Интернешенел кој воедно е и проект менаџер Г-дин Маркос Сиотис, го презентираше проектот СОЦДАД кој има за долгорочна цел да обезбеди систем што ќе овозможи непречен проток на електронски информации помеѓу сите учесници во процесот во царинските и акцизните постапки, преку поврзување на надворешниот, националниот и заедничкиот домен, како и на доменот на други владини институции.
Главниот елемент на СОЦДАД има за цел да се утврдат условите што треба да бидат исполнети за царинските и акцизните постапки, врз основа на спецификации кои се прилагодени на спецификациите прифатени на ниво на ЕУ за транзитната постапка, постапките на извоз, увоз и постапката за движењето на акцизните стоки.
По имплементација на 5 – те фази кои ги опфаќа овој систем – Имплементација на системот за транзит и подсистемите, Имплементација на системот за увоз и системот за контрола на увоз, Имплементација на системот за извоз и системот за контрола на извоз, Имплементација на системите за акцизи, заштита на права од интелектуална сопственост и хемиски лабаратории и Финална интеграција на СОЦДАД, се очекува системот да биде целосно функционален во мај 2014 година.