Перо Антиќ дебитираше во НБА, Атланта загуби од Далас

Со нетрпение се очекуваше синоќешниот натпревар во „Американ Ерлајнс“ центарот помеѓу Далас и Атланта, на кој свое деби во најсилната светска лига оствари Перо Антиќ. Македонскиот репрезентативец за безмалку осумте одиграни минути не постигна поени, а оствари два скока.

И покрај тоа што Антиќ не успеа да се запише во листата на стрелци во дебито во НБА лигата, натпреварот ќе остане запишан во историјата на македонската кошарка како прв на кој наш играч настапил во најсилната светска лига. Далас, кој беше исклучително расположен за шут, ја презентираше својата сила потсетувајќи дека е тим кој ќе се бори за долг пат во плејофот и иако играше генерално изедначено против Атланта, заслужено победи со 118-109.

Перо Антиќ одигра 7:50 минути на натпреварот, поделени во втората и четвртата четвртина, а имаше неколку впечатливи дефанзивни игри под кошевите. Не успеа да погоди во единствениот шут кој го упати од поле и прифати два скока во дуелите со поранешниот МВП на НБА лигата, Дирк Новицки. А токму Новицки имаше големо влијание победата на Далас постигнувајќи 24 поени, додека Монта Елис го заврши натпреварот како најефикасен со 32 поени и 8 асистенции. Кај Атланта, Џеф Тиг постигна 24 поени, додека Пол Милсап додаде 20 поени.

Следниот натпревар, Антиќ и Атланта го играат на домашен терен во ноќта помеѓу петок и сабота, а противник е тимот на Торонто.