Од денеска по електронски пат ќе се вршат сите административни постапки предвидени во Законот за градење.
Тоа значи дека отсега, освен дозволата за градење, електронски ќе се спроведуваат и постапките за одобрување на идеен проект, измена во тек на градба, промена на инвеститор, издавањето на одобрение за подготвителни работи, реконструкција, адаптација и пренамена на објект…
Поднесувањето на барањата ќе се врши преку информацискиот систем „Е одобрение за градење“ на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
„Системот добро функционира и самиот факт дека досега имаме издадено 205 одобренија покажува дека тој добро функционира. Системот е едноставен, движењето на предметот може да се следи преку СМС и целокупната документација се доставува во електронска форма“, појасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на заедничка прес-конференција со претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.
Јанакиески истакна дека сите отпочнати постапки до денес, ќе бидат завршени согласно процедурата која е започната, а доколку одредени лица не знаат како треба да поднесат одредено барање, тоа во нивно име ќе може да го стори овластената фирма која им го изработува проектот.
Министерот очекува дека со овој систем ќе бидат поедноставни сите постапки и ќе се издаваат одобренијата за пократко време.
„Ова ќе придонесе и за рејтингот на Република Македонија во делот на одобрение за градење во извештајот на Дуинг бизнис од Светска банка“, истакна Јанакиески.
Според претседателот на ЗЕЛС, Трајановски, на овој начин се подигнува квалитетот на функционирањето и давањето на услугите на општините.
„Сега имаме еднозначност во давањето на документацијата, поголема транспарентност, не се користи повеќе хартија и се забрзува постапката за добивање одобрение за градба и другите документи согласно законот. Со тоа Република Македонија го подигна нивото на квалитетот на услуги што ги дава кон граѓаните и ја вброи државата во земјите кои имаат голем напредок во примената на електронскиот начин на давањето на услуги“, рече Трајановски.
Од 1 јуни годинава досега електронски се издаваа само дозволите за градење.