Ставрески: Странските инвестиции се успешна приказна во Македонија

Со одржување најниски даноци во Европа и добра бизнис клима Македонија и натаму ќе биде исклучително атрактивна за инвеститорите, смета вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

„Приказната за странските инвестиции во Македонија е една успешна приказна за тоа ако ја подобриш бизнис-климата што е евидентно, бидејќи со години по ред сме меѓу најдобрите реформатори во светот, меѓу 10 топ-реформатори во светот и преку еден амбициозен план на презентации на инвестициските можности пред инвеститорите во Европа, но и на другите континенти да можат да се привлечат странски инвестиции во земја која е релативно мала и каде  инвеститорите можеби немале претходно интерес“, изјави вицепремиерот Ставрески.  

Тој додаде дека од година во година во Македонија доаѓаат глобални компании и брендови кои порано ги немало во земјата и кои не само што отвораат една туку и повеќе фабрики. 

„Тие фабрики се отвораат не само во Скопје, туку и во внатрешноста и од тој аспект за нас е значајно да продолжиме со ваквите напори да се зголеми износот на странски инвестиции и да се отворат нови работни места како тоа што се случуваше во Кавадарци и Битола, да се случи и во сите други места во Македонија.“

Според податоците на Народната банка на Република Македонија странските инвестиции во земјава заклучно со агуст се 157,3 милиони евра.