Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес конференција информираа за новите законски решенија кои ќе придонесат за унапредување на воспитно-образовниот систем во земјата. Првиот предлог закон е за обука и испит на директор за основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење, а вториот е за стручниот испит на наставник, стручен соработник и воспитувач во основно училиште, средно училиште и ученички дом.
Првиот предлог Закон ќе обезбеди еднакви услови за квалитетна обука, транспарентност во полагањето и поквалитетен менаџерски кадар во образовните установи, рече Ристовски. На овој начин ќе биде проверена неговата способност за раководење и организирање на работата во училиштата. Испитот се состои од три дела-практична проверка на компјутерски вештини, проверка на способноста за примена на теоретските знаења и презентација. Доколку ги положат првите два дела ќе може да го полага и третиот кој е всушност одбрана на завршниот семинарски труд на тема која ќе се избира од електронски систем од база на теми. Уверението за положениот испит за директор има важност од 5 години. Доколку во тој период не биде назначен на оваа функција, кандидатот ќе мора повторно да полага.
Втоиот предлог Закон е за наставниците кои го завршиле приправничкиот стаж и го положиле тестот на личноста. И овој испит е составен од три дела, од кој последниот е одбрана на зададена домашна писмена задача. Во случај кандидатот да не го положи, ќе го изгуби правото да работи како просветен работник.
Министерот истакна дека ќе се засилат контролите при полагањето на стручниот испит во делот на домашната работа, затоа што кандидатите честопати аплицирале со туѓи стручни трудови на кои само им ги менувале кориците и личните податоци.
„Сега, софтвер ќе ја бира темата за секој кандидат. Шифриран ќе биде неговиот податок, нема да се знае кој е кандидатот за да се избегнат влијанијата и ургенциите кај соодветната комисија, која е формирана за да го оцени квалитетот на стручниот труд на кандидатот“, рече Ристовски.
Претседателот на СОНК, Неделков истакна дека продолжува дијалогот со МОН, и дека резултат на тоа се и овие законски решенија. Додаде дека квалитетен наставен кадар е предуслов за квалитетно образование и затоа од исклучителен интерес е да се вработуваат најдобрите наставници.