“Знам дека имате потенцијал и очекувам преку вашето совесно постапување во службата да не направите горди сите нас. И вашите родители и семејства, вашите професори и вашите нови претпоставени. Заради новиот начин на селекција кој за прв пат го промовиравме, како и професионалната заложба и посветеноста на сите инволвирани во обуката, вашата генерација е веројатно најдобрата и најперспективната досега“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во свото денешно обраќање на церемонијата по повод завршувањето на обуката на избраните кандидати за полициски службеници што се одржа во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста во Идризово.
Јанкулоска, пред 318 новопримени полициски службеници, како и пред бројните гости, претставници на дипломатскиот кор во земјава, роднини и пријатели на идните полициски службеници, порача дека потпишувањето на заклетвата не значи крај, туку почеток на обврските – “Секој ден, секој час, во секоја улица и во секој град од Република Македонија, вие ќе ја спроведувате оваа заклетва и ќе бидете пример за останатите граѓани“.
Исто така, Јанкулоска потенцираше дека и покрај ригорозните критериуми во изминатите 12 месеци идните полицајци мошне успешно ги совладаа потребните компетенции за полициско постапување при одржувањето на јавниот ред и мир, при полициското работење во областа на сообраќајот и при полициското работење во делот на граничното обезбедување. “Со добивањето на полициската значка вие станувате еден од столбовите на оваа држава. Во текот на овие 12 месеци имавте можност и сами да се уверите во строгоста, принципиелноста и нашето инсистирање на дисциплина. Не се сомневајте дека уште повеќе ќе инсистираме на овие критериуми откако ќе ја облечете униформата“, порача Јанкулоска истакнувајќи дека – “Денеска е свечен ден и за вас и за целото Министерство“.
На крајот од своето обраќање министерката Јанкулоска честитајќи им го уште еднаш успешното завршување на основната обука на новите полициски службеници нагласи дека – “правдата мора да биде неселективна и законите мора да важат подеднакво за сите граѓани. Основната политика на сегашното раководство на Министерството е „нулта толеранција кон криминалот и корупцијата“. Верувам дека ќе ги прифатите овие постулати и дека безрезервно ќе постапувате по нив“.
Инаку, оваа генерација на кандиати за полициски службеници Основната обука за полицаец ја започна на 5 ноември минатата година. На почетокот од обуката беа вкупно 331 кандидат, по 12 месечната обука, истата успешно ја завршуваат 318 кандидати. Останатите 13 кандидати по различни основи го загубија правото на обука и тоа: пет кандидати ја прекинаа обуката по лично барање; четворица кандидати не го исполнија потребниот мининимум на бодови од 60% за продолжување на обуката во следните модули; а четворица кандидати го загубија правото заради дисциплински престап.