По повод „Неделата за борба против гладта“, над 50 социјално загрозени семејства, припадници на етничката заедница на Египќаните, изразуваат голема благодарност до градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, како и претседателот на Општинската Организација, на Црвениот крст Охрид, Сашо Точков, со која организација како што наведуваат од НВО Коалицијата на Египќаните, имале непосредна и континуирана соработка и разбирање на семејствата со социјален ризик, каде несомнено и за жал, приматот го имаат, социјално загрозените семејства, припадници на Египќанскиот етникум.
Како што истакнува Демир Далип, овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка, во целост се согласуваат со идеите на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, каде се потенцира подигнување на локалниот економски раст, кое ќе придонесе за отворање на нови работни места, и на тој начин, овие семејства да можат сами да се издржуваат, со што ќе се врати достоинството и општествено корисната димензија на овие ранливи категории. Далип, предлага измени во Законот за социјална заштита, корисниците на социјална помош, кој се работоспособни, а се приматели на социјална помош, да бидат ангажирани, минимум 2 работни дена во месецот, вршејќи општествено корисна работа.
НВО Коалицијата на Египќаните, изрази благодарност и до директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски, кој исто така водел особена грижа и помогнал на социјално ранливите категории, во кои имало и од етничката заедница на Египќаните.
НВО Коалицијата на Египќаните и во иднина, со свои проекти, ќе соработува со сите чинители, кои се насочени кон хуманата активност и солидарност.