Како резултат на успешно завршената кампања за Неделата на борба против гладта и собраните прехранбени производи од кои се направени 150 хуманитарни пакети, Црвен крст Охрид во текот на оваа недела, заедно со поединци, фирми и институции кои ја помогнаа кампањата, врши поделба на хуманитарните пакети на социјално загрозените семејства од Охрид.
Вчера градоначалникот Никола Бакрачески пред просториите на ОО Црвен крст Охрид, подели 50 од вкупно 150-те пакети со прехранбени производи и производи за лична хигиена, додека пак денес на социјално загрозените охридски семејства им беа поделени 30 пакети од страна на претставници на Lions Club Десарети и DASS Инженеринг.
„Ова е наша шеста по ред акција во која се вклучуваме во Светскит ден на борба против гладта и Светската недела за борба против гладта. Инаку пакетите се составени по терк на Светската здравствена организација и содржат комплетна опрема за издршка на едно четиричлено семејство за еден цел месец“, – изјави Иво Захариевски, претседател на Lions Club Десарети.
Како што рече Захариевски прекрасно е чувството кога се помага на лица на кои што навистина им е потребна помош и дека во иднина ќе се направи и нешто повеќе за нив.
Координаторот за организациско стручни работи на Црвениот Крст-Охрид, Мимоза Ставрева искажа благодарност до Lions Club Десарети кои како што рече помогнаа да се намали ранливоста на околу 30-тина семејства во Охрид. Ставрева кампањата за Борба против гладта оваа година ја оцени како доста успешна.
„Сакам воопшто да ја отценам оваа кампања на борба против гладта како доста успешна оваа година, пред се и како резултат на поддршката на Локалната самоуправа и добронамерните организации, фирми, институции, маркети и сите оние добронамерни граѓани кои не поддржаа и ни ја дадоа нивната помош, а ние према списокот кој го водиме на социјално загрозени семејства во Охрид и Дебрца ја дистрибуираме, без разлика на нивната полова или расна или национална припадност, значи се трудиме секогаш да излеземе во пресрет на сите кои имаат потреба кои дошле до нас и ја побарале нашата помош и секако се трудиме да воспоставиме ред, сите оние кои имаат потреба, нивните потреби да бидат задоволени, но еве еден апел значи оваа подршка да биде не само во текот на оваа кампања, туку и повеќе пати годишно за да можеме да излеземе ние во пресрет на потребите на социјално ранливите семејства во Охрид“, – истакна Ставрева.
Имено, бројот на социјално ранливи семејства во Охрид е 500, додека пак во општина Дебрца, во Црвениот крст се евидентирани околку 70 семејства.