Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и раководните лица во Бирото за јавна безбедност ги посетија целосно реконструираните простории на единицата за специјални задачи „Тигар“, во скопската касарна „Илинден“.
Како што истакна министерката Јанкулоска, полициските „тигри“ се несомнено една од најподготвените специјални единици во Република Македонија, за што говорат бројните успеси што ги постигнува на меѓународните натпреварувања во дисциплини карактеристични за вакви единици. На последното Балканско првенство, претставниците на „тигрите“ екипно го освоиле првото место, како и бројни медаљи во различни категории. Инаку, во 2013 година на светско првенство оваа специјална единица го освои 10 – то место во конкуренција на 80 држави, додека најдобриот пласман во светски рамки на претставниците на „тигрите“ е третото место освоено пред неколку години.
„Во овој момент сме во процес на обновување на составот на единицата, со оглед на тоа што неодамна МВР беше зајакнато со нов кадровски капацитет од 300 полициски службеници, кои согласно потребите и нивните афинитети ќе бидат распоредени во различни организациски единици, вклучително и единицата за специјални задачи“, изјави Јанкулоска.
Таа додаде оти со реновираниот капацитет е овозможено и за досегашните, но и за новите припадници да има пристојни услови за работи кои ќе им овозможат целосно да се посветат на нивните задачи.