Ј.П. „Охридски Комуналец“ денес го одбележа својот патронен празник „7-ми ноември“. Во административните простории на Ј.П.„Охридски Комуналец“, во присуство на градоначалникот Никола Бакрачески, на 12 вработени им беа врачени награди за 10, 20 и 30 години непрекината работа во ЈП „Охридски Комуналец“. Исто така доделени се 4 награди за најуспешен работник за покажана успешност во работата во 2013 година.
Во продолжение во целост Ви го презентираме говорот од директорката на ЈП „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа:
„Според пишаните документи првите почетоци на претпријатието датираат од далечната 1952 г. Во текот на досегашниот период извршувани се повеќе статусни промени на припојување и раздвојување на повеќе организациски единици на претпријатието од различни дејности за да денес ЈП „Охридски Комуналец“ претставува единствен вршител на комунални услуги:
- собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад,
- одржување на јавна чистота и
- одржување на градските паркови и зеленило на цела територија на општина Охрид.
Формирано oд страна на советот на Општина Охрид, ЈП „Охридски Комуналец“ има задача да обезбеди чист и уреден град и да се грижи за заштита на животната средина.
Преку меѓусебна доверба, јасна и отворена комуникација и транспарентност градиме однос со граѓаните и правните субјекти, а нивното задоволство и исполнувањето на нивните потреби за здрава и чиста околина претставува успех на нашето работење.
Во моментов од големо значење за ова јавно претпријатие е обновување и осовременување на возниот парк како и на опремата во останатите сегменти од претпријатието.
Во наредниот период планирана е реализација на проектот „Подземни контејнери“ и поставување прес контејнери на локации каде постои концентрирано колективно становање. Се планира и изградба на нови зелени површини во градот и околината како и многу цветни паркови.
Јас сум уверена дека со поголем напор и посветеност кон работата, како на раководниот тим така и на сите вработени, ќе успееме да ги оствариме зацртаните цели, ќе ги надминеме тековните проблеми, и во иднина ќе броиме само успеси“, – истакна Скрческа.