Пензионерите и догодина на бесплатна бањско-климатска рекреација

Проектот Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија ќе продолжи и во 2014 година. Повикот за користење на услугата за наредната година ќе биде објавен во јануари.  Досега за четири години, период во кој што се спроведува овој проект, можноста за користење на услугата бањско-климатска рекреација ја искористиле 5.500 лица за што од буџетот биле издвоени 30 милиони денари.

„Пројавениот интерес на корисниците на пензија за користење на услугите во 2010, 2011, 2012 и 2013 година потврдува дека има потреба од продолжување на проектот и во наредната 2014 година за што се обезбедени средства од буџетот. Зависно од интересот што ќе биде  постои можност од дополнително проширување на опфатот на пензионерите“, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој потенцира дека реализацијата на овој проект има двоен ефект, односно дека покрај тоа што се овозможува бањско-климатска рекреација на корисниците на пензија, истовремено се развива и бањско-климатскиот туризам, а правните лица коишто ја даваат оваа услуга имаат сигурни финансиски приходи во текот на целата година.

„Министерството за труд и социјална политика ќе направи се и натаму да овозможи на пензионерите и старите лица целосна интеграција во општеството поради нивниот придонес кон нашата држава“, рече Спасов.

Услугата на бањско-климатска рекреација овозможува шест полни пансиони, бањска терапија, задоложителен здравствен преглед, трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која се користи услугата. Пензинерите кои користат паричен надомест за помош и нега од друго лице имаат правона придружник за време на банско климатската рекреација.

Услугата  се остварува во Негорски бањи, Дебарски бањи Цапа, Катлановска бања и Цар Самоил.