ОО на СДСМ Охрид на сите жители на Општина Охрид им го честита 7-ми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид од фашистичката окупација, со искрени желби за мирен и спокоен живот во слобода, демократија и благосостојба на сегашните генерации и идните поколенија.
„Водени од идејата дека слободата е највредната придобивка за секој човек, десетици борци за слобода од Охрид пред 69 години ги положија своите животи во борбата за конечно ослободување на градот. На 7-ми Ноември 1944 година помислата за ослободување на својот град од фашистичките окупатори и живот во слободен Охрид им ги полнеше срцата на многу борци од партизанските одреди и ги водеше во бескомпромисната решителна борба да се истера непријателот од сопствениот град, од сопствената татковина. За жал, голем број од нив не дочекаа да го видат Охрид ослободен. Најголемиот дел од нив беа млади патриоти, чии имиња, јунаштво и дело останаа засекогаш врежани во спомените на генерациите, кои безмалку 7 децении ги уживаат благодетите на слободниот живот.
Водени од светлите слободарски традиции, што како завет ни ги оставија учесниците во Народно-ослободителната борба, ние денес ги славиме нивните дела, ги спомнуваме нивните имиња и им се поклонуваме на нивните спомен обележја. И никогаш нема да дозволиме нивната жртва да биде залудна, нивниот придонес да биде заборавен или нивните имиња и дела да бидат избришани од нашата историја. Слободата на нашиот град, што со натчовечки напори и големи жртви беше извојувана пред 69 години, никогаш не смее да биде изгубена или повторно некогаш доведена во прашање. Тоа е наш долг кон нашите претци и наш завет кон нашите поколенија“, – стои во честитката од ОО на СДСМ Охрид.