Италијански милионер пријавил приход од само 4 евра

Италијанската полиција го заплени имотот вреден 300 милиони евра од еден бизнисмен, кој пријавил годишен приход од само 4 евра.

Според полицијата, милионерот Џовани Монтресор и неговата сопруга живееле далеку поинаков живот во споредба со пријавените приходи. Тој поседувал голем број хотели, куќи и имот во северозападниот дел на Италија.

Овој бизнисмен од Верона пријавил 4 евра приход во 2011 година, 5 евра приход во 2010  и 4 евра во 2009 година, додека пак неговата сопруга 3 евра за 2011 година и 1 евро за 2010.

Против Монтресор во 90-те години се водеше истрага поради поткуп на локални политичари, а во 2011 поради сомнителни деловни договори.

Затајувањето на данокот е огромен проблем во Италија, поради што државната каса е оштетена за неколку милијарди евра годишно.