За МВР превентивните активности посветени на малолетничката популација се приоритет

„Концептот – „Полиција блиска до граѓаните“ – и натаму останува наш приоритет, а сериозните истражувања реализирани од ОБСЕ и од други меѓународни организации кои покажуваат континуирано зголемување на довербата во полицијата за нас претставуваат поттик, но и знак дека сме на вистинскиот пат. Во тој концепт превентивното работење е еден од основите на полициското делување, бидејќи со тоа ги запознаваме граѓаните со нашите ингеренции, а ние одблиску се запознаваме со нивните проблеми и заедно се обидуваме да ги надминеме уште пред да ескалираат“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешното поптишување на договорот за соработка со невладината организација Македонски центар за култура и развој а кој се однесува на низа превентивни активности во насока на зголемување на напорите за намалување на малолетничката деликвенција и дополнително ангажирање на искусните, пензионирани полициски кадри.

Во своето излагање по повод договорот и предвидените активности министерката Јанкулоска истакна:

„Кога станува збор за малолетничката деликвенција и грижата за учениците, Министерството за внатрешни работи подолг период наназад партиципира во низа проекти кои имаат за цел редуцирање на насилството и девијантното однесување кај оваа популација. За секое училиште назначивме „училишен полицаец“ во рамки на проектот „учениците и полицијата се дружат“, кој има за цел одблизу да ги следи проблемите во заедницата и да работи со ризичните групи. Заедно со нашите партнери од меѓународната заедница неколку години го реализираме и проектот „безбедни училишта“, како и низа други активности во кои учествуваат нашите инспектори за превенција.

За жал и годинава во првите 9 месеци имаме 101 повреден ученик, од кои тројца се здобиле со тешки телесни повреди. Заклучно со 30-ти септември регистрирани се 109 случаи на насилничко однесување помеѓу ученици во училишта, од кои 69 во средни и 40 во основни училишта. Во еден случај е пукано со огнено оружје во воздух, во 2 случаи биле употребени остри предмети, во 9 случаи биле употребени тврди предмети, а најчесто, во 94 случаи, физичка сила. За сите овие инциденти поднесени се 5 кривични пријави против 21 сторител поради сомнение дека сториле кривични дела „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“ и „насилство“. Против други 119 лица се поднесени барања за поведување прекршочна постапка заради „физички напад“, „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“, „нарушување на јавен ред и мир во заеднички простори, во двор или училиште“ и „занемарена грижа на дете од страна на родител или старател“. Со денешното потпишување на Договорот за долгорочна соработка помеѓу Министерството и Македонскиот Центар за Култура и Развој започнуваме нова фаза на третманот на превенцијата во општеството.

Безбедноста како категорија во општеството и превенцијата од секаков вид на закани се врвни вредности. Во оваа смисла, соработката што ја воспоставуваме денес отвора нова перспектива во работењето, при што преку програмите и проектите ќе бидат ангажирани широк круг на волонтери во целата земја кои на дневно ниво ќе даваат свој прилог во превенцијата.

Програмите „ГРАЃАНСКА ПРЕВЕНЦИЈА“ и „ЗДРАВ СПОРТ ЗА ЗДРАВО ОПШТЕСТВО“ и под проектите на МЦКР опфаќаат широк спектар на граѓанско делување, што е особено важно за вкупното функционирање на безбедносниот систем. Со воспоставувањето на оваа соработка влегуваме во фаза на подобрување на вкупниот амбиент, на многу подрачја,  како: Превенција од насилства во средните училишта, Детската академија за превенција, Превенцијата од компјутерска манипулација, Превенцијата за време на спортските натпревари, Советот на навивачки групи на Република Македонија, и уште редица под проекти, вкупно 25. Секој под-проект има своја специфика и со негова реализација ќе се подобри конкретен сегмент от нашето општество.

Министерстово дава целосна поддршка на програмите и под-проектите во нивното планирање и реализација, во организациона, лобистичка и логистичка смисла, а МЦКР ќе учествува како партнер во проектите и програмите на МВР, секаде каде за тоа ќе се укаже потреба.

Од особено значење за вкупниот амбиент е што во реализацијата на програмите и проектите на МЦКР учестуваат и студенти од факултетите за безбедност во земјава, како и пензионирани поранешни вработени во МВР. Младите ќе добијат сериозно искуство, а пензионираните поранешни вработени во МВР ќе имаат можност да се вклучат во проектите и програмите на МЦКР и МВР.

Од особено значење за вкупната наша соработка е и меѓународната вмреженост и искуство на МЦКР како национален координатор на Фудбал Против Расизмот во Европа – ФАРЕ – Мрежата, при што во вкупната реализација на нашите заеднички проекти ќе користиме и искуство и најдобра пракса од земјите кои на најдобар начин го третираат расизмот и насилството на спортските терени.

Градењето на Р. Македонија како современа, безбедна и успешна земја е одговорност на сите нас заедно и во оваа смисла, пожелувам успешна реализација на сите предвидени програми и проекти“.