Денес се одржа свечено предавање на опрема на Граничната Полиција при Министерството за внатрешни работи и Царинската управа при Министерството за финансии, што е обезбедена преку Програмата на Амбасадата на САД за контрола на извозот и гранична безбедност (EXBS).
На свеченоста свое обраќање имаа Американскиот Амбасадор Пол Волерс, регионалниот EXBS советник Џорџ Кларк, Министерката Гордана Јанкуловска и Директорот на Царинска управа Ванчо Каргов.
„Токму безбедноста на границите е еден од приоритетите кои што ги имаме особено заради глобалниот развој на настаните и бројните конфликти што резултираа со значителни миграциони бранови“, – истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска.
„Безбедните граници во многу придонесуваат за внатрешната и регионалната безбедност. Опремата ќе го зголеми капацитетот на двете гранични служби на многу начини и тоа во спроведување на граничен надзор, патролирање и попречување на илегални активности, борба против прекуграничниот криминал и тероризмот, откривање радијација, идентификација на оружје за масовно уништување и спроведување на примарен и секундарен на граничните премини“, – истакна амбасадорот Волерс.
Царинските инспектори од мобилните тимови пред присутните ја презентираа опремата која се состои од:
- 10 пејџери за откривање радијација
- 3 сета за откривање криумчарење CT-30 начинот на нејзина употреба
- 6 пакувања тестери за откривање морфо со сина налепница и
- 2 пакувања тестери за калибрирање морфо со жолта налепница
Редовно, правилно користење и ракување со оваа опрема претставува стандард во секојдневното оперативно работење. Оваа донација ќе ја зголеми способноста на македонската Гранична полиција и Царинската управа за спроведување професионална гранична контрола и ќе ги унапреди постапките на граничните премини. Исто така, ќе ги зајакне капацитетите на двете гранични служби за граничен надзор и патролирање, мобилни активности за попречување нелегални активности, борба против прекуграничен криминал и тероризам, откривање радијација, идентификување на оружје за масовно уништување и спроведување примарен и секундарен преглед на граничните премини.
Донираната опрема во вредност од над 70.000 долари, претставува придонес кон градењето на оперативните капацитети како и дополнување и продолжување на подршката од Владата на САД во работењето на Царинска управа.