Повик за концесии за геолошки истражувања за минерални суровини

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за објавување шест јавни повици  за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровни на 53 локалитети во речиси сите општини. Доделувањето на концесиите првпат ќе биде на електронска аукција. 

Од понудените локалитети 50 ќе бидат за детални геолошки истражувања на минерални суровини од кои осум за метални, 30 за неметалични, и по шест за украсни камења и минерални и геотермални води, а само три ќе бидат за експлоатација на минерални суровини и тоа една за метали и две за минерална и термоминерална вода.

Јавните повици ќе бидат објавени во дневните весници, а понудите ќе може да се достават до 10 часот на 18 декември годинава.

„Во последниот период Министерството за економија направи драстични измени и дополнувања на Законот за минерални суровини кои беа најдобриот погодок за привлеквање на инвестиции. Со измените се овозможи за првпат во Македонија концесиите да бидат доделени по електронски пат. Тоа покажува дека се зголемува степенот на транспарентност при доделување на концесии“, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека на сите пријавени на јавниот повик ќе им бидат потребни две до три години за да ги завршат истражувањата, а потоа да аплицираат во Министерството за економија за експлоатација.

„За секоја локација потребно е да се отворат минимум две до три нови работни места што значи дека за сите 50 локации ќе се отворат од 100 до 150 нови работни места. Тоа што локациите се распоредени на речиси целата територија на Македонија сметаме дека ќе придонесе за дополнителен економски развој на локалната и на националната економија“, рече Сарачини.

Повика до крајниот рок на јавниот повик да се пријават што е можно повеќе домашни или странски компании за се добијат квалитетни инвестиции. 

Од почетокот на годинава Министерството за економија потпиша вкупно 90 договори за детални геолошки истражувања и за експлоатација  на минерални суровини.

По основ на наплатен концесиски надомест за таа намена  во првите 10 месеци од годинава се  уплатени средства во износ од 345.776.847 денари од кои 78 отсто или 269.705.961 денар се приход на општините, а 22 отсто или 76.070.912 денари приход на Буџетот на Република Македонија.