Советничката група на СДСМ Дебарца, реагира за работата на Советот на Општина Дебарца, како што истакнуваат, седниците се свикуваат неделовнички.
„Денес советот на општината Дебарца ја одржа десеттата седница. И оваа седница како и сите други се свикуваат нестатутарно и неделовнички. Стана практика на претседателот и мнозинството во советот на општината седниците да се свикуваат со грубо кршење на одредбите на Деловникот на советот на општината Дебарца.
Согласно член 46 од Деловникот на советот решението за свикување на седницата на советот со предлог дневен ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред им се доставуваат на членовите на советот најдоцна 5 дена пред денот определен за одржување на седницата. По исклучок, само во итни случаи седницата може да се свика и во рок покус од 5 дена. Меѓутоа, она што е исклучок, во советот на општината Дебарца стана практика. За сите досега одржани седници решението и материјалите на советниците им се доставуваат на ден или два пред одржувањето, а често пати и на самата седница. И покрај нашите укажувања за неделовничкото свикување на седниците, оваа практика упорно продолжува, со што како советничка група составена од пет советници практично сме оневозможени добро да се подготвиме за седниците и предложиме подобри и поквалитетни решенија во однос на точките на дневен ред.
Поради тоа, и на ваков начин уште еднаш реагираме и бараме од Претседателот на советот и мнозинството во иднина да се почитуваат статутарните и деловничките одредби во однос на свикувањето на седниците на советот. Во спротивно, нашиот револт од непочитувањето на статутот и деловникот ќе бидеме приморани да го изразиме со неприсуство на така свикани седници, што во крајна линија ќе биде на штета на интересите на граѓаните што ги застапуваме во советот на општината, а за кое нешто нашата советничка група воопшто нема да биде одговорна.“ – стои во дописот од Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Дебарца.