Царинските службеници на граничен премин Богородица во средата спречија обид за нелегално внесување на 70 илјади евра. На 13 Ноември околу 14:30 часот за влез во Македонија се пријави патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од грчки државјанин со иницијали М.П. со кој патувале неговата сопруга и ќерка. На прашање дали имаат да пријават нешто за царинска контрола, возачот и патниците во возилото одговориле дека немаат ништо за пријавување. Поради основано сомневање во одговорот, царинските службеници извршија контрола на возилото при што на задното седиште, во црна ташна пронајдени се 90 илјади евра.
Во текот на службениот разговор, спроведен за утврдување на потеклото на девизните средства, прекршителот изјавил дека е сопственик на хотел во еден од туристичките центри во Грција и дека поради актуелната економска состојба таму, парите ги носел за да ги депонира во некоја од македонските банки. Претходниот ден, на 12 Ноември 2013 година, лицето влегло во Македонија, внесувајќи 100 илјади евра, кои соодветно ги пријавил на царинските службеници. Потоа се упатил во банка каде ги депонирал парите, при што му била издадена потврда од банката. Наредниот ден, кога е сторен прекршокот, лицето за истата цел носело 90 илјади евра но не ги пријавил на царинските службеници, затоа што според неговиот исказ мислел дека потврдата од банка издадена претходниот ден важи за 5 дена како што наводно му кажале во банката.
Со ова, согласно Законот за девизно работење (што предвидува дека нерезиденти можат слободно да внесат девизни средства и чекови во висина од 10 илјади евра, а секој износ над овој треба да се пријави) сторен е девизен прекршок. Согласно Законот на двете лица во автомобилот вратени им се по 10 илјади евра, додека 70 илјади евра привремено се задржани.
Од почетокот на оваа година до сега откриени се 76 случаи на обиди за шверц на девизи, при што привремено се задржани девизи во вкупна противвредност од околу 1.203.000 евра.