Изградбата на пругата кон Бугарија и автопатот од Скопје за Штип што ќе почнат да се реализираат следната година ќе овозможат побрз развој на источна Македонија, изјави денеска во Кратово вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
„Најзначајниот проект што ќе го реализираме во источна Македонија следната година, во февруари или март, е изградбата на пругата кон Бугарија и автопатот од Скопје за Штип. Пошироко за целиот регион овие два крупни инфраструктурни проекта ќе донесат препород за источна Македонија“, рече Ставрески во село Крилатица, каде присуствуваше на пуштање во употреба повеќенаменското игралиште кое е дел од проектот на Владата за изградба на спортски игралишта низ целата држава.
На свеченоста на која присуствуваа и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски и градоначалникот на Општина Кратово Мите Андоновски, Ставрески рече дека повеќенаменското игралиште во општина Кратово е дел од политиките на Владата за поддршка на спортот.
„Игралиштето е со цел поддршка за најмладите, за децата, за оние што треба да научат да се борат во животот, да спортуваат, победуваат и понекогаш да губат, да се развиваат и секогаш кога ќе изгубат да научат дека следниот пат треба да победат“, рече вицепремиерот Ставрески.
Тој потенцира дека жителите на Крилатица и Кратово имаат тениско игралиште и дека Владата и понатаму ќе продолжи со поддршка на општината за реализација и на други проекти. На средбата со градоначалникот Андоновски, рече, ќе се информира за процесот за реализација на индустриската зона, која има извонредно значење за локалниот економски развој и за отворање нови работни места и инвестиции.
Ставрески потенцира дека во тој контекст значајна ќе биде и патната инфраструктура на која Владата работи заеднички со општината.
Директорот на АМС Александар Пујовски изјави дека објектот е еден од многуте кои Агенцијата за млади и спорт со поддршка на Владата ги реализира низ целата држава.
„Проектот започна со реализација во мај годинава, а до крајот ќе бидат целосно изградени преку 40-ина вакви игралишта низ целата државата со што се заокружува концептот на создавање здрава нација преку делување во сите сегменти кои го креираат севкупниот развој на спортот“, рече Пујовски.
Градоначалникот на Општина Кратово Мите Андоновски потенцира дека Владата преку АМС обезбеди финансиски средства за изградба на повеќенаменското игралиште со цел младите слободното време да го поминуваат спортувајќи и дружејќи се.
„Освен ова игралиште со средства обезбедени од Владата, во Кратово е изградено и тениско игралиште, а Владата заедно со поддршка на општината одвои средства и за промена на подот на спортската сала“, рече Андоновски.
Тој се надева дека Владата ќе ја поддржи и изградбата на училишната спортска сала за основците од „Кочо Рацин“ од Кратово.
Повеќенаменското игралиште во село Крилатица изградено на површина од 1.100 метри квадратни, е наменето за жителите од Крилатица, Трновац, Кетеново со околу 500 жители и ќе може да се користи за фудбал, кошарка и ракомет.